Бараме министрите, замениците министри, директорите, и членовите на управни и надзорни одбори да работат без пари, про-боно со што ќе се заштеди 2.5 милиони евра месечно, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Имаме конретен предлог до владата за штедење. Платите на министрите се движат од 70 до речиси 90 илјади денари месечно, нето износ. Дополнително се одлеваат милиони денари народни пари за репрезентација на месечно ниво.  Ја повикуваме лично и министерката за правда Рената Десковска и СДСМ ако навистина сакаат да помогнат тогаш да се откажат целосно од нивните приходи по основ на плата и хонорари, додека трае кризата со епидемијата со корона вирусот, побара Стоилковски.

Дополнително освен што треба да работат про-боно, Стоилковски побара и да се откажат и од привилегиите кои одат со функциите како службени возила, мобилни телефони и репрезентации кои ги прават и плаќаат со народни пари.

На тој начин дури 2,5 милиони евра месечно би се заштедувале и истите средства би се намениле и релоцирале во оние сегменти кои се неопходни за заштита на стандардот на граѓаните, но и за директно справување со корона вирусот. Повторувам само по овој основ 2,5 милиони евра би се заштедиле. Наместо кратење на плати на работници, да нема плати за министри и функционери. Ако навистина, а не лицемерно го мислат тоа што го кажуваат, тогаш нека почнат функционерите од СДСМ со свој личен пример да го помогнат народот. Еве министерката Дескоска очекуваме да го направи првиот чекор, исто како и Претседателот на Владата Оливер Спасовски, порача Стоилковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.