Сите бројки на пациенти и на хоспитализирани, како и бројот на тестови се објавува јавно и транспарентно. Како што работевме досега ќе продолжиме да работиме и од сега па натаму, а спремни сме да воведеме и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Од почеток на кризата работиме отворено, транспарентно и во ниту еден момент не сме се обиделе ниту помислиле дека треба да манипулираме со било кој од фактите што произлегуваат од менаџирањето на кризата или со кој се соочуваме за време на менаџирањето на кризата. Доколку некои од бројките заостанат во текот на изминатите денови се кумулираат и во следните – два, три, четири дена се објавуваат на сите наши портали во системот на комуникација со јавноста – рече Филипче во одговор на прашање по денешната посета на Општата болница во Кочани.

Системот на секојдневна координација, комуникација со сите релевантни чинители во менаџирањето на кризата, како што нагласи, сега е посебно потребен имајќи предвид дека е навистина силен овој бран со Ковид-19 со којшто сега се соочуваме.

Најави дека се подготвени да се воведат дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати.

Очекувањата се дека после воведување на една одредена мерка резултатите ќе бидат видливи после седум до 10 дена, што значи дека на почетокот на следната недела очекуваме некакви резултати од воведувањето на полицискиот час од 22 до 5 часот наутро – рече Филипче.

Целта на неговото воведување, додаде, беше да се ограничи движењето и комуникацијата на младите коишто интензивно комуницираат во паркови, јавни површини, па дури и по домови после затворањето на угостителските објекти зашто беше констатирано дека тие се едни од главните преносители на вирусот.

Тоа го гледаме од возрасните групи на новодијагностицирани пациенти. Ние сме спремни да воведеме дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не дадат посакувани резултати  – потенцира Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.