Дигитализацијата во образованието создава нови проблеми, овој пат за наставниот кадар. Министерството за образование ќе ја сервисира платформата за учење од далечина, па доколку сакаат и натаму да ги користат документите, презентациите и сите дигитални содржини закачени на платформата, МОН на наставниците им даде рок од три дена, односно до утре, да ги зачуваат сите материјали.

Дел од наставниците се во паника дали ќе успеат интелектуалниот труд да го зачуваат целосно и безбедно поради ограничените ресурси, знаења и ИТ вештини. Освен тоа, некои имаат обемен материјал, а прекусо време за да успеат да направат копија.

Од МОН тврдат дека сите наставници поминале обука за работа со системот, а училиштата биле екипирани со стручен кадар за дополнителна помош, а поддршка обезбедува и Министерството.

Дигиталните материјали (презентации и други дигитални содржини) кои се креирани од наставниците во текот на учебната година се во нивна сопственост. Во процесот на годишното одржување на системот не велиме дека истите ќе бидат избришани од Microsoft OneDrive, туку укажуваме на потребата наставниците, лично креираните дигитални материјали, да си ги зачуваат и на друга меморија, што претставува општо правило при креирање и зачувување на дигитални податоци, објаснуваат од МОН.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.