Со завршувањето на изборите започнуваат да течат изборните рокови за формирањето на Владата и на Собранието. Како што стојат работите многу полесно ќе се конституира Законодавниот дом отколку новата Влада поради тесниот резултат од гласањето.

Најдоцна 20 дена од одржувањето на изборите треба да се одржи конститутивната седница на Собранието, а ја свикува претседателот на претходниот состав, во случајот Талат Џафери.

Откако Собранието ќе се конституира, топката се префрла кај претседателот на државата, кој според Уставот го доделува мандатот за формирање влада.

Во членот 90 од Уставот е наведено дека претседателот на државата  во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

 

Останува да се види дали ќе се повтори сликата од 2016 година кога мандатот за формирање на влада најпрво му беше даден на Никола Груевски.

Тој не успеа да состави влада, па тогашниот претседател Ѓорге Иванов, мандатот му го даде на Зоран Заев откако тој претходно мораше да се согласи на неколку услови за зачувување на унитарноста на државата и владеењето на правото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.