Околу 900 ковид-пациенти се хоспитализирани во болниците низ државата. Од 150 пациенти на Инфективна клиника Скопје, дури 130 се на кислородна поддршка. Во ГОБ „8 Септември“ три лица се на респиратор.

Ќе успее ли нашиот здравствен систем да се справи со овој налет на есенскиот бран? Дали нашата држава има доволно болнички и кадровски капацитет, опрема и материјали да го издржи „цунамито“ Ковид 19?

Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски во анализата за МИА изрази загриженост за здравствените работници, кои, како што вели, се на работ на издржливост. Но, се плаши и дека со ваков огромен притисок на ковид пациенти врз здравствените установи, во блиска иднина може да се случи зголемување на бројот на хронични незаразни заболувања, заради нивната неадекватна контрола и задоцнето лекување.

Ако цениме врз основа на капацитетот на болничките постели, сè уште тој не е надминат. Хоспитализирани се околу 900 пациенти (3 ноември), а со пренамената на Институтот за ТБЦ и интернистичките одделенија во ковид центри, максимумот е веројатно околу 1200-1300.

Меѓутоа, ниту оддалеку техничката опременост на тие нови капацитети не е иста како во Клиниката за заразни болести или ГОБ „8. Септември“! Најголем е проблемот со здравствениот кадар. Луѓето се на работ на издржливост. Тоа важи не само за болничките установи, туку и за матичните доктори, кои не можат да кренат глава од огромниот притисок на ковид пациенти на дневна основа, вели професорот.

Тој потенцира дека се направени напори да се обезбеди освежување преку мобилизирање на приватните интернисти и специјализанти, но, како се прашува, како тие ќе можат да одговорат на обврските без соодветна обука за работа со ковид пациенти.

Мислам дека во однос на опремата и санитетските материјали, ситуацијата сè уште е поднослива, заклучува проф. д-р Даниловски.

Тој нагласува дека во една ваква ситуација, не може да се обезбедува континуирана и адекватна здравствената заштита на болни од други заболувања, освен КОВИД-19.

Ако ваквата ситуација продолжи, во блиска иднина ќе се соочиме со зголемување на бројот на хронични незаразни заболувања, заради нивната неадекватна контрола и задоцнето лекување, предупредува епидемиологот, проф. д-р Даниловски.

Мислам дека во однос на опремата и санитетските материјали, ситуацијата сè уште е поднослива, заклучува проф. д-р Даниловски

За неговиот колега, проф. д-р Никола Пановски, „Бројките сами говорат“. Сепак, вели тој, премногу голем број на смртни случаи и во период кога капацитетите се пополнети 98 проценти.

Би сакал да сум оптимист, ама, за жал, не можам. Ако смртноста е ваква во колку-толку нормални околности (што е нормално за наши услови!?), каква ќе биде кога ќе има поголем број на болни, поуморен, помалуброен и помалку искусен кадар. Сепак, животот ќе тече и понатаму, здравствените работници ќе горат, но нема да се откажат. Се разбира дека ќе се справиме, како, не знам, само знам и однапред ви тврдам, според власта ако не одлично, солидно до многу добро, според опозицијата катастрофално, заклучува проф. д-р Пановски.

На што се должи успехот на Словачка, додека другите европските земји бележат црни рекорди.

Но, состојбата со Ковид-19 не е само во нашата земја лоша. Така е и низ целиот свет. Многу моќни европски држави, тешко можат да се справат со корона-кризата. Но, има и такви, како Словачка, која се чини дека најдобро ја менаџира пандемијата. На што се должи нејзиниот успех?

Проф. д-р Даниловски потсетува дека уште во текот на првиот пандемски бран, коронавирусната мапа на Европа јасно покажа дека побогатите нации на Западна Европа страдаа повеќе од вирусот, отколку земјите во Централна и Источна Европа, речиси без исклучоци.

Дури и најтешко погодените централно и источноевропски земји имаа стапки на инфекции и смртност на милион жители многу пониски од западноевропските нации, а во некои статистичките податоци се навистина извонредни: Словачка има забележано само 1.413 потврдени случаи и 25 смртни случаи. Соседна Австрија (популација од 8,5 милиони), за која се сметаше дека успешно се справила со предизвикот, сепак имаше повеќе од 10 пати поголем број инфекции и 20 пати повеќе смртни случаи од Словачка, објаснува проф. д-р Даниловски.

Тој вели дека се изнесувале разни причини во однос на тоа што придонело за разликата, како на пример, пократок животен век, што значи помалку сè уште живи ранливи стари лица, помала густина на население, помалку летови кон Кина, пониски стапки на тестирање или дури само обична среќа.

Задолжителното носење маски на отворено, сега веќе вообичаено за голем дел од Европа, беше спроведено многу рано од Чешка и Словачка, можеби исто така помогна да се запре ширењето. Се спомнуваше и задолжителната вакцинација против туберкулоза во Централна и Источна Европа во последните неколку децении, која наводно имала протективно дејство. Како и да е, најважната причина изгледа е раното заклучување (локдаун) спроведено од речиси сите земји во регионот. Додека во Велика Британија и другите западноевропски земји, јавните настани и собири сè уште траеја во втората и третата недела од март, во Централна и Источна Европа, владите видоа што се случува во Италија и спроведоа брзи заклучувања, потенцира професорот.

Исто така, вели тој, стравот од брзото преоптоварување на недоволно финансираните и тешките здравствени системи ги натера популациите поподготвени да ги следат наредбите и да ги почитуваат мерките, во споредба со Западна Европа или САД.

Грција, која исто така спроведе рано и строго заклучување, зашто имаше реално чувство за кревкоста на здравствениот систем, е уште една земја каде што бројките останаа импресивно ниски. Другите западноевропски влади имаа преголемо чувство на самозадоволство за способноста на нивните системи да се справат со кризата и задоцнето прибегнаа кон строги рестрикции, вели проф. д-р Даниловски.

Откако настапи вториов бран, европските земји повторно почнаа да применуваат рестриктивни мерки – построги или помалку строги.

Исклучок сме ние, земјите на Балканот (освен Словенија и Грција). Причините се јасни. И онака кревките економии би доживеале катастрофа, со последователни социјални и здравствени кризи (од други заболувања). Словачка, релативно мала земја со 5,5 милиони жители, при релативно стабилна економија, за справување со вториов бран се одлучи на револуционерен чекор – алтернатива на строгиот „локдаун“ во форма на тестирање буквално на целокупното население! Нивната програма за масовно тестирање со употреба на антигени тестови му нуди на светот нов начин за борба против пандемијата, заклучува универзитетскиот професор Даниловски.

За разлика од него, проф. д-р Пановски вели дека на случајот со Словачка можеме да си играме статистика, и да видиме колку таа може да се злоупотребува.

Потребата од што помасовно тестирање зависи од финансиските можности колкав дел од населението би било тестирано, вели д-р Пановски

Таа до вторникот имаше 261 смртен случај, што е за почит. Но тоа е земја во која бројот на смртни случаи најмногу се мултиплицирал во последниве месец дена во светот, дури за девет пати!!! Имаат по 3-4000 случаи дневно, факт е дека доста тестираат, но сега имаат по 20-30 смртни случаи на ден. Пролетта ја завршија со неверојатни 30 смртни случаи. Слично е и во Словенија. Тие земји го одморија здравствениот сектор летово, но очигледно, вирусот е трпелив, чекал да застуди, да се олабават граѓаните и жестоко се вратил на сцена, вели проф. д-р Пановски.

Покрај тестирањето, според него, веројатно улога одиграле и дисциплината и свесноста, но и доброто менаџирање на пандемијата се причина за овие усапеси.

Соседна Чешка во јуни прогласи победа, по навистина одлични успеси во борба против пандемијата, (имаа појадок или ручек на Карловиот Мост во Прага во таа чест). Се разлабавија мерките, се опушти населението, што беше катастрофална грешка, која доведе да таму во Чешка, вирусот нападне порано и пожестоко отколку во Словачка, заклучува проф. д-р Пановски.

Колку може кај нас да се изведе масовно тестирање на населението со брзи тестови?

Словачка минатата сабота, за еден ден, со брзи тестови, тестираше 2,5 милиони жители. Дали може нешто слично да се изведе и кај нас?

Да, минатата сабота, на 31 октомври, 3.625.332 Словаци беа тестирани и 38.000 или 1 процент беа позитивни. Тие беа ставени во карантин. Овој викенд ќе бидат тестирани преостанатите жители. Словачка има 5,5 милиони жители. Во земањето на брисови учествувале повеќе од 40.000 здравствени работници, помогнати од тимови од војници, полиција, административни работници и доброволци на околу 5.000 пунктови. Користени биле брзи антигенски тестови. Тестирањето било доброволно, но оние кои не сакале, ќе биле ставени во карантин, објаснува проф. д-р Даниловски.

Тој посочи дека словачкиот премиер Игор Матович се извинил за извршениот притисок врз граѓаните за да учествуваат, но, како што рекол „слободата мора да оди заедно со одговорноста за оние кои се најслаби меѓу нас, онколошките пациенти, старите лица, луѓето со други болести“.

Словачка е прва земја во светот која има применето стратегија на тестирање на целото население, благодарејќи на широката достапност на брзите, антигенски тестови. Ова е настан со кој почнува нова ера во начините на борба со пандемијата. Она што од самиот почеток беше промовирано, што помасовното тестирање, а кое едноставно не беше изводливо со гломазните и скапи ПЦР тестови, сега станува изводливо, анализира професорот.

Тој смета дека слично тестирање може да се изведе и кај нас.

Потребата од што помасовно тестирање не ја оспорува никој. Зависи од финансиските можности колкав дел од населението би било тестирано. Да имаме предвид и дека Словачка има бруто домашен производ (БДП) од близу 19.000 американски долари по глава на жител, а Македонија околу 6.000, вели проф. д-р Даниловски.

Во секој случај, вели тој, убеден сум дека е апсолутно реално за нашите можности да се тестираат одделните категории на граѓани во ризичните професии – здравствените работници, полицијата, војската, угостителството, трговијата, образованието.

Особено е важно тоа да не биде еднократно, туку периодично. Оптимално би било на две недели, посочува универзитетскиот професор.

За разлика од него, проф. д-р Пановски не мисли дека кај нас може да се изведе нешто слично како во Словачка.

Ни случајно. Би се потрошиле истите пари како за попис на населението. Земја која 20 години не направила попис, да тестира, на пример, еден милион лица! Тестирањето, за да има ефект, треба да се направи во што пократок рок, односно за најмногу две недели. Тоа значи, ако се тестира половина од населението, пред сè во поголемите градови, би требало да се земаат по околу 70.000 брисови дневно. Сега, во пунктовите се земаат до 1500, останатите се во приватните. Значи, бројот на пунктови и персоналот треба да се зголеми за 25 пати, заклучува професорот.

Тој нагласува дека за оваа метода потребна е специјална заштита и обука на персоналот, особено во делот на земање и обработка на брисот.

Треба милион тестови, треба тендер, кој ќе трае два месеци по брза постапка, ако нема жалби. И конечно, што би добиле? Кај нас е состојбата ескалирана, имаме над 10000 откриени активни случаи, се смета дека уште најмалку 80000 не се детектирани. Ако со тестирањето ги откриеме тие 80000, а сепак ќе пропуштиме најмалку 4000 инфицирани (доколку тестот има 95 отсто осетливост), целта е да ги изолираме нив и нивните контакти во наредните 14 дена. Со контактите тоа би биле околу 250.000 лица од милион, а би се тестирале пред сè активните лица кои се движат и работат (сите здравствени работници, наставници, возачи, вработени во продавници, работници, студенти итн.). Дали тоа нема да значи колапс на економијата, ако половина од работоспособното население ви остане дома?, прашува проф. д-р Пановски.

Тој потенцира дека тестирањето во Словачка се прави додека сè уште не ескалирала состојбата кај нив, да се откријат тие 1-2 проценти случаи и да се спречи ширењето. Кај нас за тоа е доцна, оценува професорот.

Брзи тестови – предности и недостатоци

Неспорно е дека брзите тестови за детектирање на коронавирусот почнаа многу да се применуваат. Таквите тестови од понеделникот почнаа да се употребуваат и кај нас. Потребен е само брис од нос и грло, а резултатот го добивате за 15 минути.

Но, колку овие тестови можат да бидат сигурни во детектирањето на вирусот, која е разликата меѓу нив и ПЦР тестовите и дали тие ќе придонесат во борбата со пандемијата?

Проф. д-р Даниловски за МИА објаснува дека постојат три типа на тестови кои во моментов се користат при дијагностицирање и скрининг на САРС-CoV-2 или некое друго заболување: серолошки тестови (тестови за антитела), антигенски тестови, тестови на нуклеинска киселина – PCR и LAMP генетски / молекуларни тестови.

Серолошките тестови (тестови за антитела) се индиректни тестови, бидејќи откриваат квалитативно или квантитативно присуство или концентрација на антитела против даден вирус во крвниот серум. Серолошките тестови може потенцијално да бидат корисни за да се утврди дали одредена личност имала изложеност на САРС-CoV-2. Антигенски тестови откриваат присуство на вирусен протеин („антиген“) во слузокожата на горниот респираторен тракт. Се прават со помош на брисови земени од носот или грлото. Можат да се прават на лице место, бидејќи не им е потребна лабораториска опрема. Главно се користат при скрининг. Имаат релативно мала сензитивност, околу 50-60 проценти и 100 отсто специфичност, вели проф.д-р Даниловски.

Третиот тип на тестови- ПЦР, односно тестовите на нуклеинска киселина, професорот објаснува дека тоа се лабораториски тестови кои откриваат присуство на вирусен генетски материјал (во случај на САРС-CoV-2 – РНК) во мукозните секрети на горниот респираторен тракт.

Тие се прават на материјал земен од носот или грлото. Ова е лабораториски тест и бара обучен персонал, софистицирана и скапа опрема и време за резултат од неколку до 24 часа. Тоа го прави тестирањето релативно скапо, вели епидемиологот, проф. д-р Даниловски.

Тој потенцира дека тестовите се само алатки. Она што е поважно според него, е да се разбере како овие алатки можат да се користат во стратегијата за сузбивање и спречување на епидемиското ширење.

Клиничко дијагностичко тестирање е пристап што денес се користи за дијагностицирање на симптоматски лица, како и за следење на контактите. Врз основа на различни проценки, овој пристап идентификува <5% од заразените лица. Овој број всушност има смисла затоа што: тестовите се прават во една точка во времето; се тестираат релативно мал број луѓе (некои симптоматски поединци и некои контакти, како и сосема мал дел од општата популација); на резултатите може да се чека и со денови; постои непозната пропорција на лажно позитивни наоди, заради случаи на контаминација, колонизација (ова не се инфекции) или случаи во фаза на опоравување (ПЦР е позитивен, но лицето повеќе не е заразно), објаснува тој.

Проф. д-р Даниловски потенцира дека експертите во светот повикуваат на радикална промена во стратегијата за тестирање: да се прави скрининг на што поголем дел од населението (па и целото население) со употреба на брзите, поевтините, иако помалку точните (релативно сензитивни), антигенски тестови. Со таа стратегија, вели тој, ќе се овозможи побрзо да се идентификуваат и изолираат заразените лица, а со тоа ќе забави ширењето на вирусот.

-Што значи релативно сензитивни? Според некои студии, сензитивноста е околу 50-60 проценти! Меѓутоа, во широка смисла, кога се прави масовно тестирање, тоа е доволно за откривање на лица во фазата пред штотуку да станат заразни или се веќе заразни, но не се доволно сензитивни за откривање на оние кои сè уште не се или веќе не се заразни. Што точно значи тоа? Не секој кој има инфекција е заразен. Треба да се има одредена концентрација на вируси во слузокожата на горниот респираторен тракт, за тие да почнат да се расејуваат наоколу, објаснува професорот.

Тој посочува дека Центарот за контрола на болести во Атланта, САД, има издадено специфични упатства за користење на брзи антигенски тестови за САРС-КоВ-2. Клучен дел во ова упатство се однесува на скринингот.

Во упатството се вели: „Кога антигенските тестови се користат за скрининг, резултатите треба да се сметаат за претпоставки. Потврдно тестирање со RT-PCR после позитивен антигенски тест може да не биде потребно, кога лицето е симптоматско или има позната изложеност. Кога не е тоа случај, лицата со позитивен антигенски тест треба да изолираат сè додека не бидат потврдени со RT-PCR.

Потврдно тестирање со RT-PCR по негативен антигенски тест добиен при скрининг не е потребно ако лицето е асимптоматско или нема познати изложености или е дел од група која се тестира со брзи антигенски тестови на периодична основа.“

Бидејќи антигенските тестови веќе масовно се произведуваат и се евтини, нивната употреба ќе биде значаен чекор напред во менаџирањето со пандемијата, оценува професорот.

Проф. д-р Пановски објаснува дека се работи за тестови кои откриваат специфични белковини од вирусот, а не делови од неговата нуклеинска киселина.

Тие белковини се антигени, а се откриваат со помош на специфични антитела кои се содржат во реагенсот. Земениот брис се потопува во течност, се капнува течноста во прозорче и се гледа дали ќе се појави реакција, обично е линија, како кај тест на бременост, претпоставувам и за овие тестови е така. Значи, ако има доволно антигени, се смета околу 10000 молекули, тие со присутните антитела ќе се врзат и таму каде што ќе ги има најмногу ќе покажат видлива реакција (линија). Разликата е очигледна, ПВР (полимераза верижна реакција – на македонски), детектира дури и трагови од РНК на вирусот, а антигенските брзи тестови го детектираат вирусот преку количината на присутни антигени. Кај ПВР, молекулата на РНК се амплифицира (се умножува) неколку милиони пати, па како таква се детектира, а кај антигенските тестови, се детектираат присутните антигени во земениот брис, вели професорот.

Тој појаснува дека, кога антигенскиот тест е позитивен, со поголема сигурност може да кажеме дека пациентот е инфициран, или ако има симптоми, дека е болен од Ковид 19, зошто вирусот сме го нашле, преку неговите антигени, во големи количини.

Кај ПВР, тоа не мора да е така. Секвенцата од РНК може да е од контаминација – во носот има вирус кој е во мали количини недоволни да предизвикаат болест, има мртов вирус, па дури и од околината може да се контаминира брисот со РНК. ПВР е поскап, треба специјални услови во лабораторијата, апаратура, воздухот во просторијата да биде стерилен, треба неколку часови за да се добие резултат и е 5-10 пати поскап, нагласува професорот.

Проф. д-р Пановски резимира– со ПВР тестот откриваме и случаи кои никогаш нема да заболат, дел од нив не се ниту инфицирани, затоа имаме голем број на позитивни, кои се без симптоми.

Добра страна на тестот е што ретко пропушта случаи кои се навистина инфицирани и болни, иако и тоа не е исклучено, вели професорот Пановски.

Со антигенските тестови, пред се ќе се детектираат инфицираните и болните од Ковид 19, а нема да се детектираат оние кои го содржат вирусот во мали количини.

Значи нема да има толкав број на позитивни, се очекува тој да се намали. Главен недостаток, а тоа е причина што до сега не се употребуваат широко, е што можат да пропуштат вистински инфицирани и болни пациенти, и тоа се случува во околу 5 проценти од тестираните, па тие среќни што се негативни ќе го шират вирусот, мислејќи дека имаат настинка, а не ковид. За нив е потребна конфирмација со ПВР тест. Тоа би била идеална комбинација. Лицата со симптоми, со негативен антигенски тест, да се тестираат дополнително, односно веднаш и со ПВР, посочува проф. д-р Пановски.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 37.499, бројката на оздравени пациенти е 22.835, на починати е 1.096, а бројот на активни случаи изнесува 13.568.

На почетокот на месецов, Владата усвои нови рестриктивни мерки- рестораните и кафулињата да затвораат во 21 часот, а после тој период ќе биде забрането и групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор. Се усвои и мерката да се носат маски на отворено. Министерството за здравство очекува овие мерки да дадат резултати за четири недели. Дали ќе се остварат предвидувањата на Владата останува да се види. Примањето пациенти болни од Ковид-19 во инетрните клиники, треба да помогне во справувањето со оваа „експлозија“ на вирусот. Крајот на пандемијата, засега не се гледа.

Според професор на Универзитетот во Неапол, Франческо Санино, пандемијата ќе заврши најдоцна до мај следната година. Тој предводи група научници и истражувачи кои претходно, користејќи математички метод, предвидоа дека нов бран ќе има меѓу октомври и ноември. Останува надежта дека професорот Санино и овој пат ќе биде во право. Надеж се гледа и во вакцината против Ковид-19, која треба да стави крај на пандемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.