Македонското сценарио се покажа како поцрно од италијанското, а македонскиот здравствен систем ги покажа сите свои кардинални недостатоци кои резултираат со човечки животи.
Ќе одиме со мајка ми директно пред „8 Септември“ и ќе чекаме додека не ја примат. Нема тест, но тешко и плитко дише, а денес син ми доби позитивен тест. Има низа хронични болести и деменција, што дополнително ја влошува сликата, вели за „Република“ скопјанка, поучена од паталци како да обезбеди кревет за мајка си.
Скопјанец кој ја минува голготата со братот, пак, вели дека ни преку врски не успеале да обезбедат кревет.
Цело попладне вртевме телефони, баравме врски за Инфективна, Козле или „8 Септември“. И со врски тешко се ддоаѓа до кревет. На крајот нè примија во „8 Септеври“. Отидовме таму и чекавме додека брат ми се гушеше во кола, вели тој.
Болничките капацитетите за сместување на пациенти заболени од Ковид-19 брзо се пополнија во октомври, по што министерот за здравство Венко Филипче дека низ целата земја се подготвуваат нови болнички крила и кревети за нови заболени со потешки симптоми, а рече дека се разгледува можноста да се испраќаат пациенти во странство. Но, како и кога ќе се прошират капацитетите на болниците во внатрешноста, останува неодговорено.
Уморниот медицински кадар, како и изливот на медицински лица од јавниот во приватниот сектор, пак, дополнително ја влошува целата состојба, а јавноста се погласно зборува дека токму недостатокот на лекари, епидемиолози и сестри допридонесе за големиот процент на смртност од коронавирусот. Само во последните осум дена починаа 99 лица во 24 градови низ земјата, а секој четврти тестиран има позитивен тест.
Но, додека целиот здравствен систем се постројува кон потребите на заболените од ковид-19, се запоставуваат потребите на останатите пациенти кои имаат потреба од болничка нега.
Речиси невозможно е да се добие болнички кревет за лицата со други посериозни болести и проблеми. Се одложуваат операции, со часови се чека за терапија за хронично болни. Резултати од тест, пак, со денови, а без негативен тест пациент не може да биде примен во повеќето болници.
Закажување на термин за тестирање е невозможно. Термините се пополнети и недела дена однапред. Иако денеска беше најавено отворање на уште еден пункт во Институтот за јавно здравје во Скопје, со што е предвидено дневно да се вршат 150 тестови повеќе, останува прашањето дали и тие термини ќе ги задоволат потребите, посебно во Скопје каде што се наоѓаат половина од активните случаи низ земјата во моментов.
Оние што можат да си дозволат, тестовите ги прават во приватните лаборатории, а граѓаните се гневни што иако цел живот плаќаат здравствено осигурување, се доведени до тоа да молат за кревет или тест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.