По договарањето на парламентарното мнозинство, за кое најави дека ќе се случи наскоро, премиерот Зоран Заев ќе ги активира оставките што ги најави, како на функцијата премиер, така и на лидерската во СДСМ. Потоа ќе следува избор на нов лидер на СДСМ, а тој ќе биде и мандатар за состав на новата влада, „пишува „Слободен печат“, повикувајчи се на свој извор.
Ќе нема реконструкција на Владата, туку нова влада што ќе ја состави нов премиер, кој ќе биде и лидер на СДСМ, изјавуваат за „Слободен печат“ добро упатени извори од кабинетот на актуелниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Ако Алтернатива дефинитивно одлучи да биде дел од власта, тогаш мнозинството ќе брои најмалку 64 пратеници, вклучувајќи го и Кастриот Реџепи од Беса.
Според изворот, Заев ќе го одложува поднесувањето на оставките сè до моментот кога ќе го обезбеди мнозинството. Штом ќе се случи тоа, веднаш СДСМ на непосредни избори ќе добие нов партиски лидер. Засега не се открива наследникот на Заев. Тој ќе биде избран од повеќе предложени кандидати од кои членството на директни избори ќе го изгласа новиот претседател. Тој ќе биде и новиот мандатар за новата влада, ќе состави свој кабинет, што значи дека ќе нема реконструкција на актуелната влада.
Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, разговорите ќе ги почнат денеска во Клубот на пратениците. Под претпоставка да се договорат таа партија да му се приклучи на владејачкото мнозинство, тогаш и министерските позиции за Алтернатива ќе бидат во пакет со кадровските решенија за новата влада. Во таков случај, со оставката на премиерот Заев, во оставка ќе биде и целата Влада. Новиот мандатар ќе предложи до претседателот на државата Стево Пендаровски програма и нов состав на Владата. Се претпоставува дека некои од актуелни министри ќе си ги задржат позициите и во новата влада, а извесно е дека нема да бидат сменети министрите од ДУИ.
Пратеникот и член на претседателството на Алтернатива, Скендер Реџепи, во пресрет на средбата помеѓу Заев и Гаши за „Слободен печат“ изјави дека верува оти партиските органи ќе одлучат Алтернатива да биде дел од Владата.
Разликите во партијата се стопија и очекувам нејзините тела да донесат одлука за влез во Владата, но сепак ќе почекаме до конечната одлука. Интеграцијата на земјава во ЕУ е приоритет, а не уривањето на Владата. Верувам дека предност ќе им дадеме на евроинтеграциските процеси, како и на остварувањето на програмата, што Алтернатива им ја вети на граѓаните и на нашите избирачи – вели Реџепи.
Тој тврди дека досега немало понуда за министерски позиции и очекува сликата да биде појасна по средбата помеѓу Заев и Гаши.
Неофицијално, се очекува Алтернатива да добие две министерски места, заменици министри како и повеќе директорски функции, бидејќи од нив ќе зависи стабилноста на мнозинството. Се шпекулира дека кон владејачкото мнозинство може да се приклучат и пратеници од опозициските Алијанса за Албанците и Беса, но засега нема потврда за тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.