Сопствениците на продавници и дуќани во охридската чаршија обединети во „Чаршиски еснаф“ отворено негодуваат на усвоениот Закон со кој недела се прогласува за неработен ден, а стапува од првиот викенд во новата година.

Тие сметаат дека таквата одлука катастрофално ќе се одрази врз нивното работење, негативно за локалната економија, но и за градот како најпознат туристички центар во државата.

Охрид како туристички центар е најпосетен токму за викендите, особено во неделите кога продавниците од чаршијата остваруваат најголем промет што е од егзистенцијална важност за малите продавници.

Охрид ќе ги трпи најголемите штети ако не се работи во неделите. Ние и досега на вработени им ги плаќавме работните недели, нашите вработени добиваа слободни денови за тоа што работеле во недела. Охрид е специфичен град, чаршијата живее од туристите, изјави Маја Бакалова од „Чаршиски еснаф“.

Дуќанџиите се изненадени од тој, според нив, дискриминирачки закон, оттаму што се ставаат во подредена положба на големите молови, на кои, како што посочија, им се даваат субвенции како странски инвеститори со плаќање придонеси за вработените, им се дозволува да работат во недела, а истото им се забранува на малите дуќанџии кои сами обезбедуваат плати за вработените, сами плаќаат придонеси…

– Охридската чаршија во историјата на своето постоење не памети да била затворена во неделите. Ние не можеме да опстанеме доколку ни биде забрането да работиме во викендите. Само ќе ги избркаме туристите, кои половина од времето во Охрид го минуваат низ Чаршијата, изјави Соња Јосифоска.

Членовите на Здружението на трговци „Чаршиски еснаф“ најавија дека ќе побараат поддршка од Советот на Општина Охрид, од градоначалникот, во нивните барања за изземање од Законот, и тоа не само поради туризмот, туку и заради тоа што нивните трошоци за закупнини на простор во Охрид се далеку поголеми споредбено со останатите градови во земјата.

Во знак на предупредување тиа најавија дека вечерва од 20:30 часот целосно ќе ги затворат своите дуќани, но и ќе го изгаснат осветлувањето на нивните излози со цел да види јавноста како ќе изгледа целосно затворена Охридската чаршија.

Ќе ја изгаснеме целата Чаршија, не сме ние тука да го субвенционираме ЕВН, да ја осветлуваме Чаршијата ако не работиме, па нека се види како ќе изгледа тоа затворена најпрометната улица во Охрид. Секаде дуќаните во Грција, Бугарија, Албанија се отворени 24/7, само овде со носат некакви закони на наша штета, рече Јосифоска.

Исто така од Здружението навија деке поради недоволно време за да реагираат со барање до надлежните, планираат по пат на известување да посочат оти планираат да работат на 2 јануари, во првата недела од наредната година кога веќе на сила стапува Законот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.