Оваа година, претседател на СДСМ ќе се избира на непосредни избори, со можност за одлучување, гласање на секој член, најавуваат од партијата и потенцираат дека во таа насока почнува постапката за ажурирање на базата на податоци и регистрација на членовите на СДСМ.
-Целиот процес ќе се води од најмалите организациони единици на СДСМ, од mесните организации, па се до најголемите единици и највисоките партиски органи, преку транспарентна постапка, велат од партијата која вечерва одржа седница на Централниот одбор.
Пред членовите на Централниот одбор се обрати и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, посочувајќи дека оваа партија, како владејачка партија, годината ја започнува со нова енергија, подготвен за сите предизвици со кои е соочена државата.
-Во новата година влегуваме со нова енергија, подготвени за сите предизвици. Конечно да ставиме крај на пандемијата со коронавирусот. Вакцинирањето е операција од врвен приоритет и јавен интерес, обезбедени се потребни количини на вакцини за граѓаните, а институциите се подготвени да го реализираат во целост. Покажавме дека можеме да одговориме на најсилните предизвици кои ги донесе минатата година, да го заштитиме јавното здравје, економијата, да ги спасиме работните места, да им помогнеме на граѓаните. Оваа година ќе биде година и на целосен рестарт на економијата, нови економски потенцијали, мерки и политики за враќање на стапките на раст и развој како и зголемување на продуктивноста. Преку стратешката Акција 21 европските стандарди ги носиме дома а спремни сме и за реализација на пописот согласно сите европски критериуми, рече Заев


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.