Министерството за внатрешни работи вчера покрена пет постапки за говор на омраза, а министерот Оливер Спасовски информираше дека се работи на откривање и на други профили на социјалните мрежи преку кои се ширел говор на омраза.

По којзнае којпат, на социјалните мрежи наголемо се апелира до министерот и МВР постапка да се покрене и против Бранко Тричковски. Во последниот твит новинарот повторно твита со „високоестетизирана политичка проза“ за претседателот Ѓорѓе Иванов.

Хорхе не бил на кревањето на знамето на НАТО пред владата на Македонија. Но ќе биде присутен кога ќе го набиваат на јарболот, јавуваат од неговиот кабитент!, пишува Тричковски.

Засега, постапка за говор на омраза нема покренато, иако ова не е првпат тој да упатува закани кон претседателот, но и низа други личности, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски…

Основното јавно обвинителство во декември минатата година ја отфрли кривичната пријава против Тричковски, кој во колумна го критикува Иванов и го нарекува „Лудакот од Паљурци“. Според него, тоа не се навреди.

Моите текстови се високоестетизирана политичка проза, можам нескромно да кажам, и поезија, само будали и идиоти можат во таа метафорика и висока стилистика да бараат говор на омраза или закана, рече тогаш Тричковски.

За предметот од Обвинителството објаснија дека Тричковски во својот исказ пред јавниот обвинител, потенцирал дека никогаш немал вистинска намера да изврши кривично дело, туку со изнесените ставови само сакал да апелира кон наведените политичари да го променат своето однесување.

Како очекува со овој конкретен твит, каде вели дека претседателот треба да се набие на јарбол, Иванов да го промени своето однесување, засега нема одговор.

За иронијата да биде поголема, иако новинарот и понатаму слободно се заканува и не внимава на она што го пишува, во Обинителство во октомври беше поднесен обвинителен предлог против Тони Михајловски за наводни закани токму кон Тричковски упатени преку „Фејсбук“ за загрозување на сигурноста од чл.144 ст.4 од Кривичниот законик.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.