Одлуката за намалување на рестрикциите воопшто не е политичка. Претходно телефонски се консултирав со членовите на Комисијата на заразни болести, кои се согласија за намалување на мерките. Во текот на следните денови, односно од почетокот на следната недела, доколку трендовите продолжат во оваа насока, ќе следат и дополнителни попуштања на рестрикциите – најави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на последната одлука за олабавување на мерките посочи дека Комисијата за заразни болести немала официјален состанок поради празникот, но оти имал телефонска консултација со претседателот на Комисијата и со дел од членовите, при што разговарал за попуштање на мерките.
Во однос на последната одлука, со оглед на тоа што состанокот на Главниот координативен кризен штаб се одржа во понеделникот, јас имав телефонска, консултација со претседателот на Комисијата, и со дел од членовите со кои што разговаравме за предлог попуштање на рестриктивни мерки, притоа разговаравме и за сегашната епидемиолошка ситуација и состојбата во болниците односно дали има можност да се попуштат рестрикциите – додаде Филипче.
Рече дека сите членови се согласиле да има олабавување на мерките заради тоа што епидемиолошката ситуација тоа го дозволува.
Предлогот за намалување на мерките доаѓа од министерот, но тој посочи дека овие предлози никогаш не доаѓаат од Министерството, без претходно да се направи една широка консултација.
Појасни дека во текот на вчерашниот ден имало и официјален состанок на Комисијата на кој што е потврдена согласноста за она што претходно неофицијално го искомуницирале, а министерот го предложил до Владата преку Главниот координативен кризен штаб.
Донесени се и некои дополнителни одлуки и оттука и препораката за која Владата вчера донесе одлука да се скрати полицискиот час, угостителски објекти до 22:30 часот. Другите барања беа добиени, имаше барања за отворање на теретани или зголемување на бројот на деца во градинките, за тоа Комисијата смета дека е сеуште рано и има препорака за 14 дневен карантин за сите патници кои доаѓаат од Индија и од Бразил, заради тоа што таму се случува еден силен притисок и бран, треба да видиме дали тој сој на вирусот има значајно поразлични карактеристики од овој што беше сега, а тоа е британскиот сој – посочи Филипче.
Министерот појасни дека сите документи и записници во однос на донесените одлуки се јавни уште од почетокот на кризата.
Како што надополни, денеска има околу 300 новодијагностицирани пациенти, меѓутоа веќе се враќаат одделенијата во нормална работа, како што е Одделението за урологија, за пластична хирургија…
Од денес почнува со работа и Клиниката за кардиологија. Значи, нема веќе таков притисок од пациенти каков што имаше претходно. Во текот на следните денови, во почетокот на следната недела доколку трендовите продолжат во оваа насока ќе следат и дополнителни попуштања на рестрикциите – додаде министерот Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.