Министерот за здравство Венко Филипче денеска, на граничниот премин Табановце ќе ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор Лончар, кој ќе ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“.

Првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4 680 вакцини присуствуваа премиерот Зоран Заев и српскиот претседателот Александар Вучиќ.

Преговорите за донација од 8.000 вакцини од Србија почнаа на средината на јануари.

Со вакцините на „Фајзер“ кај нас почна процесот на имунизација, првично со вакцинирање на здравствените работници. Следни за вакцинација се ризичните групи граѓани над 70 години.

Последните податоци покажуваат дека 1274 здравствени работници примиле вакцина против Ковид-19. Имунизацијата се одвива во модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје.

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ 63075 лица се пријавиле за вакцинација, а 39 003 граѓани преку матичен лекар, посочија вчера од Министерството за здравство.

До крајот на неделава се очекуваат и 200 000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Државата ќе порача дополнителни 100 000 вакцини „Спутник“, најави завчера премиерот Зоран Заев, кој рече дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители.

Владата очекува преку КОВАКС механизмот да пристигнат вакцини од „Модерна“ и од „Астра Зенека“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.