Жителите на селата Спанчево, Соколарци и Бања во општина Чешиново-Облешево, в сабота ќе организираат протест и ќе ја блокираат изградбата на експресниот пат Штип-Кочани.

Блокадата ќе биде на клучката кај селото Спанчево, а причина е што со комплетирањето на новата сообраќајна инфраструктура тие ќе останат без пристап до земјоделските површини.

Месните заедници од трите села повеќепати реагираа, упатија писмени и усни барања до општина Чешиново-Облешево, до инвеститорот, до изведувачот и надзорот на градежните работи, да се обезбеди траен пристап до нивите. Не е добиен никаков одговор од ниту една страна. Поради тоа, како предупредување, ќе ја блокираме механизацијата на изведувачот, со што очекуваме нашиот проблем сериозно да биде сфатен и да се најде соодветно решение – истакнуваат организаторите на протестот.

Протестот е уредно пријавен кај надлежните органи и ќе трае два часа, а организаторите очекуваат разбирање и прифаќање на нивните барања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.