Заменикот министер за правда на Косово, Блерим Салаху најави дека утре ќе ги посети косовските државјани осудени за случајот „Диво насеље“, кои ги служат казните во македонските затвори за настаните од мај 2015 година во Куманово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Салаху рече дека, по воспоставената комуникација со Министерството за правда на Македонија, добил дозвола за во четврток да ги посети затворениците осудени за споменатиот случај.

Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, ние имаме обврски (кон државјаните на Косово). Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме во четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната влада за да создадат подобри услови, рече Салаху.

Претставникот на Владата во Приштина побара целосно расветлување на случајот и расчистување на дилемите околу тоа што точно се случи во кумановската населба во 2015 година.

 Јас целосно се согласувам со потребата овој случај да се расветли, почнувајќи од прашањата како тие луѓе отидоа таму. Значи, зошто се случи тоа што се случи, кој го организираше?, рече Салаху.

Осум полицајци – припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај 2015 година. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.

Вкупно 33 лица обвинети добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна. Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.