Премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на НР Кина Џанг Ѕуо го посетија вакциналниот пункт во поликлиниката „Јане Сандански“.
Премиерот, министерот и амбасадорот разговараа со граѓаните кои интензивно се вакцинираат и со медицинскиот персонал кој го спроведува процесот на вакцинација. Притоа се информираа за текот и дневниот капацитет кој го овозможува оваа поликлиника за непречено вакцинирање на нашите граѓани.
По посетата, амбaсадорот Ѕуо рече дека фактот што премиерот се вакцинирал со кинеската вакцина е уште еден пример за пријателски односи меѓу Кина и Македонија и е доказ дека Македонија има целосна доверба во вакцината на „Синофарм“.
Кинеската вакцина ја одразува добрата волја на Кина за активна поддршка на Македонија во заедничка борба против епидемијата, рече Ѕуо и додаде дека во Кина во моментов владее голема побарувачка за домашната вакцина.
Покрај сегашната огромна домашна побарувачка за вакцини, Кина ги надмина тешкотиите и обезбеди поддршка за Македонија и другите земји, се со цел да работиме заедно за да изградиме заедница за заедничка иднина за човештвото. Вакцината е моќно оружје за надминување на епидемијата и сите страни треба да ја зајакнат меѓународната соработка за вакцините за да не остане ниту една земја во која има потреба од истите. Никој што чека вакцина не е заборавен. Кина е подготвена да продолжи да ги продлабочува практичните размени со Македонија, да работиме заедно во борбата против епидемијата и да промовираме економско закрепнување за придобивки на нашите земји и народи, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.