Се поочигледно е дека власта нема стабилно мнозинство за редовно одржување на собраниските седници на кои треба да се носат закони во корист на граѓаните. Ова може да се потврди и со самиот факт дека собраниски седници не се одржани скоро две недели, а последно за што се расправаше на пленарна седница на Собрание, беше изборот на судијката Добрила Кацарска уставен судија.

Но, најверојатно, поради немањето кворум од 61 пратеник, се уште ја нема избрано Кацарска за судијка во Уставниот суд, a не е ниту дебатирано на друга тема.

Единствена работа, во меѓувреме, на Собранието се дебатите во собраниските комисии, за чие одржување и функционирање, потребно е да бидат присутни само околу десетина пратеници. Имено, на ови седници на комисии може само да се расправа за одредена проблематика и може да се изгласа потребата од носење за некој закон, по што тие одлуки може да ставаат на пленарна седница. Но, на овие комисии не може да се носат одлуки и закони туку само заклучоци.

Од сето ова произлегува прашањето, дали преставниците на власта и на владиното мнозинство за одржување на онлајн седници на Собранието сака да го покрие нестабилното парламентарно мнозинство?

Инаку, вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери поднесе предлог за измени и дополнување на Деловникот за Собрание со кои треба да биде овозможено Собранието да работи далечински, односно да може да одржуваат онлајн седници.

На овие барања на претставниците на Владата и на парламентарното мнозинство, реагираат од опозиција, кои велат дека власта за да го покрие фактот дека нема стабилно мнозинство, при што само еден ако им се разболи не можат да обезбедат кворум за работа. Тие додаваат дека, ваквото работење на Собранието е противуставно, затоа што во Уставот на Македонија јасно е прецизирано, дека седниците во Собрание се одржуваат со физичко присуство на пратениците.

„Собранието може да работи ако на седниците присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство“, стои во член 69 од Уставот на Македонија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека Деловни на Собранието не може да се стави над Уставот на Македонија, а членот 69 не дозволува работа на Собранието надвор од собраниската зграда.

„Не може Деловникот да се стави над Уставот. Како власта мисли да ги донесе овие измени кога Деловникот не може да се менува без консензус, односно потребни се 80 пратенички гласа. Во суштина проблемот е нефункционалното мнозинство. Во моментов позитивни на Ковид-19 се само двајца или тројца пратеници. Останатите 117 пратеници се здрави. Власта со ваквиот предлог сака да протурка и закони кои не се поврзани со здравствената криза, а за кои ние не дадовме поддршка“, вели Мицевски.

На ова идеја, која веќе е и конкретна инисијатава од страна на Џафери, се противат и другите опозициски партии, односно албанските партии Алтернатива и Алијанса за Албанците. И од таму велат дека позадината на барањето за онлајн работа на Собранието е затоа што власта, едноставно нема стабилно мнозинство на пратеници во Собрание.

Имено, вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во однос на носењето на одлука за преговарачката рамка за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ, не може да се донесе одлука затоа што вчерашниот состанок на Советот беше онлајн, а на онлајн седници може само да се дебатира, но не и да се донесе било каква одлука.

“Јасно е дека прашањата на проширувањата се носат со консензус на Европскиот совет и тука мора согласност од сите 27 земји-членки. Денска е состанокот на Советот за општи работи, првата станица каде што требаше да се усогласи рамката, како предуслов за првата меѓувладина конференција во декември. Но заради тоа што тој состанок е онлајн, на онлајн состаноци не се носат одлуку, за разлика од состаноците со физичко присуство каде што се дебатира и се носи одлука тука”, рече Османи вчера во „Утрински брифинг“.

Значи, македонските владини преставници добро знаат дека на онлајн состанок не може да се донесе одлука ниту во телата на Европската унија. Одлука, кај нив, како и во случајов со нашето Собрание, се носи исклучиво со физичко присуство на членовите, како и кај нас одлука во Собрание единствено се носи со физичко присуство на пратениците во Собрание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.