Во Општина Тетово денеска беше извршено примопредавање на градоначалничката функција од досегашната градоначалничка Теута Арифи кон новоизбраниот Биљал Касами. Арифи го пречека Касами по што заеднички го потпишаа и документот за примопредавање на функцијата и се ракуваа.

Како што налагаат демократските принципи и волјата на граѓаните направивме примопредавање на должноста градоначалник. На новоизбраниот градоначалник му посакувам успех во неговата работа. Благодарност до мојата администрација и целата администрација и медиумите за покривањето на настаните. Водењето на еден град е голем предизвик се надевам дека со тој предизвик ќе може да се работи успешно за доброто на граѓаните, изјави Теута Арифи.

Новиот тетовски градоначалник по добивањето на уверението од Општинската изборна комисија и средбата со Теута Арифи почна да го користи и градоначалничкиот кабинет.

Со нашата победа се врати надеж за достоинствен живот во Тетово – градот на историјата, културата и знаењето и традицијата. Свесни сме дека од денеска мене и мојот тим ме чека многу тешка и напорна работа, но со професионалниот и моралниот капацитет што го имаме без трошка сомнеж ќе успееме. Од овој момент ќе започне скенирање на актуелните состојби во општина Тетово и веднаш согласно законските одредби ќе ангажираме специјалисти надвор од институцијата за целосна ревизија, изјави Касами.

Граѓаните и надлежните институции, нагласи, треба да знаат како и каде се трошат нивните пари.

Граѓаните на Тетово мора да знаат точно колкав долг има нивната општина и како е создаден. Транспарентноста почнува од тука. Кој злоупотребил јавни средства ќе одговара. Веднаш ќе почнеме да ја скенираме работата на јавните претпријатија и може да поставуваме нови раководни лица на овие претпријатија. Денеска сакам да ја потврдам заложбата што ја дадов во кампањата, дека членовите на администрацијата кои професионално си вршат работата не само што ќе ја имаат мојата целосна поддршка, туку ќе се заложам за нивно унапредување за да го добијат местото што го заслужуваат. Сите останатите кои никогаш не се појавиле на работните места и земале плати ќе ги повикувам сами да се повлечат и да се одјават од нивните работни места. Се надевам до крајот на неделата дека ќе имаме стодневен акциски план кој ќе го објавиме во јавноста. Од утре сме на терен и ќе реализираме ветено во кампањата, рече Касами.

Теута Арифи на новинарско прашање дали има планови во политиката, рече дека и е важно да го заврши процесот за градот Тетово и дека не е зависник од политички функции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.