Или избори во јуни или враќање на политичката влада на СДСМ и редовни избори во ноември или декември, вели владејачката партија пред втората лидерска средба.

Професорката по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска смета дека овие изјави на СДСМ не одат во прилог на демократските процеси и јакнење на политичкиот консензус во земјата и се изблика на политичка немоќ во јавноста. Според неа, невозможно е на правен начин да се изведе враќањето на политичката влада на СДСМ и продолжување со политичките активности до декември.

Прво, ниту временскиот тајминг за одржување на редовни избори им е погоден согласно уставните рокови, и второ, ниту владата може да ја избере друг орган освен Собранието, вели проф. Каракамишева за „Лидер“.

Таа е децидна дури и сите министри денес да поднесат оставка, дури и Оливер Спасовски денеска да сака да се повлече од позицијата технички претседател на влада, тоа не може фактички да го стори, затоа што во чл. 93, став 5 од Уставот јасно е утврдено дека владата останува на должност до изборот на нова влада.

Со оглед дека Уставниот суд во два наврати се изјасни дека нема да одлучува за одлуката за самораспуштање на Собранието, оваа уцена на СДСМ кон опозицијата е целосно неиздржана и манипулативна, бидејќи само Собранието може да избере нова влада и никој друг, категорична е проф. Каракамишева.

СДСМ не излезе со став како мисли правно да го изведе враќањето на неговата политичка влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.