Професорката по уставно право, Тања Каракамишева, во изјава за порталот Плусинфо вели дека собраинискиот спикер Талат Џафери со своето официјално обраќање пред Европскиот парламент на албански јазик флагрантно го прекршил член 7, став 1 од Уставот на Македонија, каде јасно се вели дека на целата територија на земјата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
– Објаснувањето на Џафери дека зборувањето на албански јазик е негово природно право е мошне проѕирно и без никаква правна заснованост ако се има предвид прецизната уставна одредба во која јасно и децидно е прецизирано кој јазик е службен јазик во меѓународните односи – вели Каракамишева.
Професорката посочува дека дополнително во член 7 од Уставот се вели дека друг јазик различен од македонскиот може да се користи во органите на државната власт во земјата само во согласност со закон. Таа објаснува дека никаде, во ниту еден закон не е наведено дека албанскиот јазик може да се користи во меѓународните односи, имајќи предвид дека Уставот тоа не го дозволува.
– Претседателот на Собранието е државен функционер кој ја застапува и ја претставува Македонија како држава во меѓународните односи, конкретно во случајов пред Европскиот парламент. Оттука, оправдувањето на Џафери не држи вода ако се земе предвид неговата официјална позиција и статус во државата и неговата обврска како функционер да ги почитува Уставот и законите во земјата. Не е точна констатацијата на Џафери дека уставната одредба за примена на јазиците е непрецизна, широко поставена и дека може да се толкува на различни начини – вели Каракамишева.
Таа додава дека во меѓународните односи службен јазик секогаш бил само еден јазик, согласно Уставот и законите на Македонија.
– Во правна држава и во држава каде што владее правото, природните права на граѓаните, на кои се повикува Џафери, мора да бидат во согласност со Уставот. Ако се дозволи своеволно и арбитрарно повикување на користење природни права на функционери спротивно на Уставот, тоа би било преседан и кршење на принципот на владеење на правото – јасна е Каракамишева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.