Еден ден по изјавата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов во која искажа куп навреди за Македонците нема никаква реакција од владата на Заев. По завршувањето на средбата меѓу Заев и Борисов, изјава даде единствено Каракачанов, кој беше јасен дека Бугарија нема да попушти ниту за милимeтар и дека од Македонија зависи дали ќе ги прифати бугарските уцени.
А тие не се ни малку наивни и директно задираат во македонскиот идентитет, јазик, историја. Ако од ова се откажаме Македонците ќе бидат обезличени само заради некаков почеток на преговори со ЕУ каде е нејасно дали некогаш ќе влеземе и во каква форма ќе биде самата Унија.
Каракачанов во стил на учител, на ученичињата во Скопје им даде ултиматум до петок да ги прифатат барањата. Но, ако од бугарскиот националист тоа и може да се очекува, загрижува изјавата на шефот на дипломатијата Османи дека имало одредени исчекори во надминување на недоразбирањата со Бугарија. Дали за Османи идентитетските прашања се недоразбирање?
Можеби за него се недоразбирање, но за македонскиот народ ова се суштински прашања за кои не треба да има ни преговори, а камоли договор.
Каракачанов во своето арогантно однесување оди дотаму што нашата земја иронично ја нарекува Македонија додека Заев и неговите министри упорно повторуваат „Северна“.
Ако досега тој велеше дека македонскиот народ потекнува од 1944 година сега тој „спушти“ десетина години порано и вели дека сме биле производ на Комитерната од 1934 година. Ни на ова нема реакција од Заев, Димитров и Османи.
Покрај изјавата на Каракачанов, Владата во Скопје не ја демантираше ни содржината на нон пејперот кој го објави автрискиот новинар. Во него стои дека, сепак, се преговара за македонскиот јазик и дали тој да бил со некаква фуснота или пак да се употребува формулацијата „службен јазик” на државата.
А само пред неколку недели Заев и Пендаровски велеја дека за јазикот нема никакви преговори.
Но, зборот на Заев држи до првата средба со „братот“ Борисов. Кога ќе се видат, веќе заборава и што рекол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.