Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски по боледувањето од Ковид-19, е во добра здравствена состојба. Тој на денешната прес-конференција ги демантираше наводите дека не сака да контактира со медиуми.
–Можам на сите да им потврдам, жив, здрав сум, одам на работа секојдневно и Комисијата за заразни болести после моето преболување одржува редовни состаноци со динамиката којашто ни е одредена од порано, рече Караџовски.
Во однос на динамиката на неговите јавни настапи, истакна дека доколку има потреба тој е слободен и според она што ќе го одлучи МЗ и министерот ќе се одржуваат прес-конференции.
Дека не сакам да контактирам со медиумите не е точно, меѓутоа исто така не би сакал да станам турска серија, во делот секој ден да ме гледате мене, бидејќи тоа не е во ред исти коментари да има за исти или слични прашања. Кога имаме нешто ново да ви соопштиме е во ред да ви кажам новитети или нешто што не ви е јасно. Ви стојам на располагање за што и да ме прашате, никогаш не сум избегнал одговор, посочи Караџовски.
На прашањето како ги толкува мерките што се преземаат во земјите во регионот и во повеќе европски земји, од поголеми рестрикции до карантин, Караџовски рече дека засега такво нешто не е потребно тука.
Ние ја следиме состојбата на дневна основа, во однос на бројот на заразени, состојбата во болниците, расположивиот медицински кадар… Состојбата сега не е иста како во ноемеври лани, кога имавме 1 450 заразени дневно, немавме ни 600 болнички кревети ни медицински персонал на располагање како сега, тогаш правевме максимум 3 500 теста, сега 4 000… Јас имам во главата и сценарио А, Б и Ц, но тоа засега не е потребно, рече Караџовски.
Тој објасни дека се прават анализи во период од 14 дена, кои му ги даваат како препорака на министерот за она што се случило претходната недела. Односно, врз основа на она што било претходно, рече дека анализираат што може да се очекува во иднина. Затоа, во понеделник на неделно ниво ќе се знае што се случило оваа недела.
Дали ќе се менуваат мерките, Караџовски рече дека ќе зависи и од тоа дали британскиот или некој друг сој ќе ја промени клиничката слика.
Во главата имам нови мерки, но сега не е време за нив, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.