Со овој тим засилен со стручни луѓе од нивните области, за кој ќе гласаме на 17 октомври отвораме нова страница и со нив започнува третата декада со победи. Со овие зборови Али Ахмети лидерот на Демократската унија за интеграција ги претстави кандидатите за градоначалници во кои ќе настапат на претстојните Локални избори.
На предизборниот собир, одржан пред паркингот на центарот за Култура во Гостивар под мотото „Одбери живот, гласај зелено“, на кој присуствуваше целото потесно раководство на партијата и членството од околните општини, беа промовирани и видеоспотовите за овие избори.
Ахмети зборувајќи за успесите кои како партија ги постигнале откако се во власта, нагласи дека и овој пат имаат понуда која ќе им биде од корист на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
– Работиме посветено за да ја направиме земјата подобра од вчера. Да имаме почиста животна средина, поздрав живот. Така, на 17 октомври не само оние што гласаа за ДУИ, така и сите граѓани во Република Македонија, не само Албанци, туку и Македонци, Турци, Бошњаци, Срби треба да гласаат за агенда која е смела и го штити здравјето на сите. Ние ја имаме најдобрата понуда, подвлече Ахмети.
Тој потсети дека во изминативе изборни циклуси оствариле многу и дека како партија ја заслужуваат поддршката за уште изборна победа, бидејќи како што рече тоа што се нуди е изработено од експерти.
– Кога на нашиот роденден на 5 јуни се прашуваа кој ќе биде следниот дострел излеговме со јасна платформа на парламентарните избори со албански премиер. Сега излеговме со силна платформа „зелена агенда, агенда за живот“ Таа агенда бара знаење, внимание, експерти. Како што верував дека ќе има албански премиер, така и оваа агенда ќе се оствари, потенцира Ахмети
Ахмети зборуваше и натамошните планови, кои ги нарече задачи кои треба да се завршат, и ги напомена проверката (ветингот), судските реформи, борбата против корупцијата и криминалот. Зборувајќи за надворешната политика и актуелните состојби лидерот на ДУИ нагласи дека како што бил решен проблемот со Грација, така ќе се реши и проблемот со Бугарија.
Од говорницата во Гостивар се обрати и актуелниот претседател на собранието Таљат Џафери и координатор на изборите во шестата изборна единица.
– На овие избори ќе се занимаваме со самите себе, а не со противниците. Тоа пренесете им го и на останатите. Со противниците ќе се занимаваат граѓаните, кои знаат да проценат праведно, рече Џафери.
Од говорницата се обратија и носителот на листата за советници за општина Тетово, Блерим Османи и кандидатката за член во гостиварскиот општински совет Вјојлца Бафтију Зулбеари.
На конвенцијата не зборуваше ниту еден од кандидатите за градоначалници од редовите на ДУИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.