Независниот кандидат за претседател на Бугарија, предложен од иницијативата „Правда за секого“ и поддржан од Демократска Бугарија, Лозан Панов денеска ќе го посети Скопје, каде според најавите ќе има средби „со пријателите на Бугарија и со претставници на македонските Бугари на кои ќе се разговара за иднината на бугарско-македонските односи“. Предвидено е Панов да биде примен и од специјалниот владин претставник за Бугарија и поранешен премиер Владо Бучковски.
Панов пред посетата на Скопје, во изјава за дописникот на МИА од Софија рече дека „им подава рака на соседите“, оценувајќи дека оние кои односите меѓу Бугарија и Македонија ги доведоа во ќорсокак, сега го користат тоа во предизборната кампања.
Тој истакна дека е подготвен да го преземе ризикот од својата постапка, бидејќи во моментов „европската иднина на регионот е тест за интегритетот на секој политичар, без разлика на која страна од границата се наоѓа“.
Панов е дециден дека „нашиот заеднички пат е Европа и за тоа прашање не треба да има ниту дали, ниту но“, додавајќи дека говорот на омраза е сериозен проблем во бугарско-македонските односи.
Според Панов, проблемот е што додека Бугарија и Република Македонија се расправаат за својата историја, трета страна им ја одзема можноста да градат заедничка иднина и во случајов важи изреката „двајца се картаат, третиот користи“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.