Обвинетиот Бојан Јовановски во судница се соочи со Ана Камчева, сведок во случајот „Рекет“.

Откако Камчева ја раскажа својата верзија на приказната, Јовановски ја праша дали е точно дека преку Бане Поповиќ побарала средба со него.

Камчева негираше, потенцирајќи дека таа не барала средба. Тогаш Боки 13 ја праша и да каже што точно зборувала, додека била во неговиот дом, за семејството на својот сопруг, мајката и сестрата на Орце, додавајќи дека се пожалила дека ја оставиле без пари. Судот не го дозволи прашањето.

Јовановски ја праша и Камчева и зошто ги следела сите упатства од Зоран Милевски Кичеец, а претходно ја праша и дали постапувала по упатство  на Кичеец. Но, и овие прашања не беа дозволени.

Обвинетиот ја праша Камчева и дали барала помош од Лидија Јаневска, нејзина пријателка, сопственичка на ресторан, за притворот на Камчев, на што таа одговори негативно, а Јовановски реагираше дека за тоа зборувала во истрага.

Тогаш Боки 13 побара точно да одговори колку и каде средба имала со директорот на УБК, Горан Николовски.

Имавме две средби, на мое барање. Не се сретнавме во УБК, бидејќи таму работеше Јовче Ременски, вашиот пријател со кој секој ден се слушате, па затоа инсистирав средбата да не биде таму, се плашев од него, рече Камчева.

На инсистирање на Боки 13 што совет добила од Николовски, таа рече:

Ме праша зошто немам доверба во институциите, му набројав со кого сè е близок, меѓу кои и со министерот за внатрешни работи. Ми рече дека ќе ме информира и да имам доверба во обвинителката Вилма Рускоска, рече сведокот Kамчева во сведочењето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.