Сите прашања околу положбата на етнички заедници, групи и слично се прашања на секоја една држава. Некоја држава може да сугерира што било, но прашањето зависи од нас самите, од нашата одлука. Значи ние имаме механизми за тоа, ако се поведува иницијатива за промени на Уставот, тоа треба да биде наша одлука, изјави денеска академик Владо Камбовски пред Годишното Собрание на МАНУ, одговарајќи на новинарско прашање околу барањето на Софија за внесување на Бугарите во Уставот.

Камбовски тоа не го оценува како мешање во внатрешните работи на земјава, бидејќи, како што рече, тука никој не може да се меша и да диктира што ќе правите.

– Тоа самите го правите или не го правите, поаѓајќи од тоа дека ако оцените дека треба да го правите, тоа го правите аргументирајќи го својот потег со меѓународните стандарди, со постојната уставна рамка, стандардите за човекови права и слично, рече Камбовски.

Тој посочи дека вчера имале расправа на тема уставно правна заштита на правото на здрава животна средина, при која дошле до истата констатација дека е нужно да се изврши реформа на еден важен дел од Уставот, а тоа е делот кој се однесува на Уставниот суд и на уставно правната заштита по можност и со воведување на институтот на уставна тужба за заштита на основните човекови слободи и права.

– Десетици амандмани досега се извршени откако е донесен Уставот, но притоа се запоставени некои клучни подрачја на Уставот и неговите измени кои ги тангираат основните чоекови слободи и права, функционирањето на институциите итн. Главно бевме во сите тие амандмани опседнати со прашања кои се исто така важни, но така да кажам ги запоставивме другите прашања со кои треба да се претставиме пред меѓународната заедница воопшто и не само заради претставување туку и заради нас самите, што го подигаат квалтиетот на човековите права, нивната еднаквост и нивната заштита, рече Камбовски.

Додаде дека биле фокусирани на преамбулата на Уставот, на одредбите кои се однесуваат на меѓуетничките или националните односи итн. и тие, како што нагласи, се релативно добро уредени.

– Но, во делот на институциите честопати наидувавме на брони уставни празнини или недоречености. Да ги спомнам само уставните одредби кои се однесуваа на конституирањето на Собранието кои малку проади нејаснотијата на уставните одредби, повеќе заради лошото толкување, предизвикаа неколкумесечна блокада на собранието што резултираше со фамозниот црн понеделник. Според тоа, тоа прашање ќе биде отворено, а ние, како академија, како центар за стратегиски истражувања оваа година планираме една серија на расправи со сите овие научни кругови, со колегите од уставниот суд, со колегите од судовите на тема уставни промени, а можеби и ревизија на цел устав од почеток, рече Камбовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.