Пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева во емисијата Патот кон на Алсат телевизија истакна дека за несреќата во болницата во Тетово, не може да се каже дека здравствениот систем потфрлил, особено не во една ваква рана фаза, кога се уште не е завршена истрагата. Таа додаде дека многу важно е каков е одговорот на државата, каков е одговорот на институциите кога се случуваат тие несреќи дали се презема, се она што може да се преземе за да се превенираат во иднина одредени несреќи.
Не постои човек во државата што со нетрпение не го очекува резултатот од истрагата, да видиме дали се работи за системска грешка, дали се работи за човечка грешка или за нешто друго. Тоа е одговорот што мора да го бараме низ институциите, што имаат одговорност за такво нешто, истакна Калеска Ванчева.
Таа рече дека кога се случи несреќата веднаш се формираше кризен штаб, а по еден ден стигнаа писмени оставки, кои се доставуваат до мандатарот, односно до премиерот.
Самото поднесување на оставките и она што е наведено во нив отсликува дека не можеме да говориме за непостоење на етика и морална одговорност. Тие ја чувствуваат таа одговорност и затоа ја поднеле таа оставка, тоа врвен морален чин истакна Калеска Ванчева.
Но сега Владата, односно претседателот на Владата е тој што треба да процени дали во овој момент е висок приоритет фокусот да биде даден на моралната и етичката одговорност и да заминат од функциите и да бидат поставени други луѓе или фокусот треба да биде даден на она што значи спроведување брза ефикасна сеопфатна истрага, којашто ќе ги даде резултатите, рече Калеска Ванчева.
Таа нагласи дека опозицијата ја манипулира јавноста, а постапката за оставките е јасно опишана во Уставот, законите и деловникот на Собранието.
Опозицијата прави политизација, кога на ваква трагедија се обидуваат максимално да излечат политички поени и не е тоа прв пат, се прави политизација од се, а тоа особено го гледаме од почетокот на пандемијата со коронавирусот, порача пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.