Опозицијата обвини дека компании на роднини и партнери на кандидати на СДСМ за градоначалници добиле многу вредни тендери во изминатиот период. Меѓу нив е и кандидатот за Општина Аеродром, кој тврди дека во соработката со јавните институции нема ништо нерегуларно. „Фокус“ истражува што велат официјалните податоци.
Досега, претставници на ВМРО-ДПМНЕ неколкупати во јавноста го прозваа кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром Александар Филиповски поради фирмата во сопственост на негови блиски роднини „Технокомерц“. Впрочем, и неговиот противкандидат Тимчо Муцунски во една прилика го праша дали оваа компанија добила стотици тендери вредни 15 милиони евра?
Станува збор за компанија основана во далечната 1972 година за трговија со градежни машини и резервни делови за машини, гуми за товарни возила и индустриски гуми, акумулатори, филтри… Пред неколку години, односно во 2018 година, „Технокомерц“ се фузира со друштвото за продажба на патинички и товар гуми „Стоп и го“.
Во истиот период, во медиумите беше објавена информација дека Илија Филиповски, поранешен министер за економија во Влада на Бранко Црвенковски, стекнал сопственост врз над 50 проценти од акциите во „Технокомерц“. Инаку, покојниот Филиповски е брат на поранешниот пратеник и директор на скопски аеродром Благоја Филиповски, чиј син е сегашниот кандидат на СДСМ за градоначалник на Аеродром.
Моментално, според Централниот депозитар на хартии од вредност, најголеми акционери на „Технокомерц“ се Блаже Филиповски со 23 отсто и Марјан Филиповски и Кирил Филиповски со по 26 отсто од акциите. Всушност, тие му се блиски роднини на кандидатот за градоначалник на Аеродром Филиповски, кој, како што вели за Фокус, е заменик-извршен директор на компанијата.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата најмногу соработувала со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, со кое го склучила и најголемиот договор во последно време. Се работи за договор од април годинава за набавка на товарни моторни возила со специјална опрема за чистење на снег, чија вредност изнесува 177 милиони денари или над 2,8 милиони евра.
Два месеци претходно, пак, друштвото на семејството Филиповски склучило два договори во рамки на поголема деллива јавна набавка спроведена од АД ЕСМ (ЕЛЕМ). Притоа, набавката се однесува на помошна механизација за рудниците во РЕК Битола, чија вкупна вредност изнесува 96.7 милиони денари или околу 1,5 милиони евра.
Во тој контекст, опозицијата за време на изборната кампања жестоко го напаѓаше и бизнисменот Христо Кондовски, откако тој стана кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола, обвинувајќи го дека негови фирми и компании на негови деловни партнери во минатиот период, исто така, добиле бројни вредни тендери. За кои компании се работи?
Официјалните податоци од Централниот регистар покажуваат дека Кондовски се јавува како косопственик на неколку компании. Меѓу нив е друштвото за кредитно посредување „СН Финансии“, кое по основањето во 2016 година бележи постојан раст.
Според финансиките извештаи, ако друштвото ја завршило календарската 2017 година со приходи од 13,6 милиони денари и добивка од 5,4 милиони денари, ланската 2020 година ја завршило со приходи од над 133 милиони денари и добивка од 42 милиони денари. Во истиот период, бројот на вработени пораснал од 10 на 44.
Покрај Кондовски, во сопственичката структура на оваа компанија се јавуваат уште Петар Милошевски, Пецо Стојаноски, Благој Крстевски, Никола Митровски, Зоран Пејчиновски, како и Никола Јошевски, кој воедно е и управител. Истовремено, тие поседуваат уште неколку фирми.
Целата сторија на „Фокус“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.