Македонија заедно со другите балкански аспиранти во Берлин доби јавно отрезнување во врска со брзото приближување кон ЕУ, но какви карти имал во рацете премиерот Зоран Заев при неговото соочување со Ангела Меркел и Емануел Макрон?, анализира „Алфа“. Додека од владата брифираат дека целта на македонското учество на самитот била само да ја претставиме „нашата успешна приказна“, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски тврди дека патувањето на Заев во Берлин имало сосема поинаква димензија, а тоа е – да не се објавува дека Македонија нема да добие датум за преговори барем до изборите на 5 мај.

Целта била да ги замоли европските политичари да не објават дека нема да добие Македонија датум за преговори, за да можат, веднаш по изборите на 5 мај, да обвинат дека ВМРО-ДПМНЕ било виновно за тоа. Тоа е една по малку комична и театрална епизода која што ја имал таму, вели Мицкоски во интервју за „Република“.

Речиси истовремено косовскиот новинар Батон Хаџиу од телевизијата „Клан косова“ изјави дека бил сведок кога Заев во Берлин рекол дека ќе поднесе оставка доколку Република Македонија не добие датум за преговори со ЕУ. Ова веднаш беше демантирано од портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, кој на Твитер напиша дека не постои изјава на премиерот со ваква содржина. Самиот Заев пак, по враќањето од Берлин продолжува да шири оптимизам дека преговорите со ЕУ без никакви дилеми започнуваат летоска.

Сакам да знаете дека имаме големи пријатели. Тие луѓе ја поддржуваат нашата земја и нашата земја не само што до крајот на годината ќе биде полноправна земја членка на НАТО туку ова лето, конечно, по 14 години, ќе отвори преговори, ќе ги отвори поглавјата, порача Заев.

Сепак, на брифингот во Владата висок претставник во кабинетот на Заев, кој директно е вклучен во процесот на разговори со ЕУ, истакна дека времето не гази, Извештајот на ЕК ќе ги чека европските избори, а потоа останува само една недела за државите членки на унија да го прочитаат и да заземат став околу евентуалниот почеток на преговорите. Дали ова е всушност елегантен начин за оправдување доколку нема преговори останува да видиме, но пораките од Берлин и воопшто радикалниот став на Франција, Холандија и Данска оставаат малку надеж дека од јуни навистина ќе ја започнеме клучната фаза од пристапувањето во европското семејство.

Извор: Алфа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.