Оваа година чествувањата на Денот на Републиката, 2 Август се според протоколи и во услови на пандемијата со КОВИД-19. Содржините на програмите се сведени на минимум, само со положување венци цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања и без традиционалната културно-уметничка програма и народните собири на отворено, како и без групирања во угостителски објекти. Во програмите нема да учествуваат хорови, играорни групи, дувачки оркестри, а делегациите ќе положуваат цвеќе според протоколи за растојание – просторно од два метра и временско од две минути.
Просторот каде што ќе се одржуваат настаните ќе биде заграден и со столчиња поставени на два метра растојание за да ја има потребната дистанца меѓу посетителите. Нивниот број ќе биде ограничен најмногу до 50 проценти од капацитетот на оградениот простор. Ќе има јасни насоки за влез, движење и излез на посетителите, а редарска служба ќе го контролира спроведувањето на мерките и ќе спречува неовластено влегување во просторот.
Сите учесници и посетители на настаните, гости, членови на тимовите задолжени за организација, како и гардистите, задолжително треба да носат заштитни маски. Дозери за дезинфекција на рацете ќе има при влез и излез и на неколку места во оградениот простор. Забрането ќе биде служење и поставување штандови со храна и пијалаци, а служење вода ќе биде дозволено само ако е оригинално спакувана. Во зависност од бројот на учесници на настанот, протоколите предвидуваат и мобилни хемиски тоалети, како и медицински екипи со санитетско возило.
Целата програма на одбележувањето на празникот од Пелинце, Крушево и од Скопје од 10 часот ќе се пренесува на Македонската радио-телевизија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.