Државната изборна комисија објави едукативно видео како ќе се одвива гласањето на лицата што се позитивни на ковид-19 и оние што имаат решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а се пријавиле за гласање. Овие гласачи ќе гласаат први, на 13 јули (понеделник), од тридневното гласање за предвремените парламентарни избори.

На местото каде што се пријавиле дека сакаат да гласаат, ќе ги посети посебен избирачки одбор составен од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Тие пред посетата на секој гласач ќе треба да се опремат со мантил, ракавици и маска за еднократна употреба, како и визири и средства за дезинфекција. Заштитната опрема се менува по завршување на гласањето на секој гласач.

Пред да му се даде гласачкото ливче, доколку гласачот нема, ќе добие маска и ракавици. Гласачот ги дезинфицира рацете и се идентификува на дистанца од посебниот избирачки одбор. Гласа тајно и гласачкото ливче го става во плик, па во кутијата за гласање во просторијата каде што гласа.

Гласањето на 13 јули трае целиот ден, односно додека не бидат посетени сите пријавени. Посебните избирачки одбори евидентираат и колку од гласачите во домашен карантин, иако се пријавиле за гласање, не гласале.

По завршување на гласањето, посебниот избирачки одбор во просториите на општинската изборна комисија го предава материјалот на избирачкиот одбор во чии извод од Избирачкиот список се наоѓаат гласачите што гласале.

Се отвора гласачката кутија со пликовите со гласачки ливчиња и тие се селектираат по избирачки места, па се стават во соодветната кутија на избирачкото место.

Пријавувањето за гласање во домашен карантин истече на полноќ. Се пријавиле вкупно 697 гласачи. Оние што евентуално допрва би се заразиле со коронавирусот или ќе бидат ставени во самоизолација нема да можат да гласаат.

За гласање, до истекот на рокот на полноќ, се пријавиле и 9 020 немоќни лица и хронично болни. Тие гласаат на 14 јули (вторник).

На 15 јули (среда), кога гласаат другите гласачи од Избирачкиот список, на соодветните избирачки места се носи и материјалот од гласањето спроведено претходните два дена. Нивните пликови се отвораат без да се види за кого е гласано, и гласачките ливчиња се ставаат во гласачката кутија, каде што ќе завршат и сите други гласови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.