Наскоро претседателот Иванов ќе биде соочен со неизбежноста да ја одигра ,,партијата на мандатот“.

Дали ќе се повлече и предаде или во стил на политичар од висок ков ќе го прекине политичкиот прогон и неправдите, ќе наметне политичко помирување, наскоро ќе стане јасно.
Остануваат само уште две недели до истекот на неговиот мандат.

Тој во изминатиот период молчи по ова прашање, но не молчат и медиумите.

Партиите и нивните раководства и кандидати за претседател се во кампања и нормално е тие да имаат повнимателен пристап по ова прашање. Тие несмеат да ризикуваат, како и да мислат. Но, Иванов е во друга позиција. Тој не е во кампања.

Ужива подршка од еден значаен дел од населението од кое уживаат подршка и луѓето кои се под политичкиот прогон. Ако сега не реагира Иванов, малкумина по добро ќе се сеќаваат на него.

Темата беше и се уште е дел од кампањата за претседателските избори и од тој аспект разбирлив е молкот на Иванов. Но, само доколку е тактички.
Доколку молкот е план да се купат мирни денови пред заминувањето од функцијата, тоа ќе разочара многумина, особено од десницата која ќе е следна власт во земјата.

Постоеја некои гласини и шпекулации дека претседателот е под уцена и закана за политички прогон од актуелната власт доколку го прекине прогонот на останатите кои се под прогон. Дека заради тоа е и под притисок на неговото семејство да не превзема ништо, па со тоа ним да им обезбеди мир после мандатот, за што со една ваква власт никогаш неможе да биде сигурен.
Напротив, оваа власт би била најсреќна да го ,,удрат“ тогаш кога Иванов ќе го изневери и остави на ,,цедило“ неговиот кампус на политички поддржувачи.

Тие кои не го сакаат и понатаму нема да го сакаат и почитуваат. Но, кога и тие кои го почитуваат и подржуваат ќе се разочараат од него и ќе почувствуваат дека им свртел грб во најтешкото, кога ќе почнат токму тие да го напаѓаат, токму тогаш Иванов ќе биде ,,лесен плен“, најлесна и најслатка мета за политички и правен отстрел односно прогон.

Тогаш едните ќе честитаат, оние од кампот на СДСМ и албанските партии, а другите ќе го сфатат како задоволување на правдата откако тој ги оставил на ,,цедило“ и им го ,,свртел грбот“ на тие кои го подржуваа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.