Нормално би било во една држава, ако сме ние нормална држава, ставот на Врховниот суд да се почитува и не е нормално едно обвинителство да го отфрла ставот на Врховниот суд со политички дисквалификации, смета професорот по кривично право Гордан Калајџиев. Тој вели дека во ваква ситуација тоа би значело дека ние немаме правен систем.

Мислам дека за најважните прашања за статусот Специјалното јавно обвинителство во смисла на негова трансформација и продолжување на неговиот мандат во рамки на републичкото обвинителство со определена автономја којашто ќе дозволи да се бори со високата корупција, во случајов нема спор дали ќе биде одделение или ќе биде посебно обвинителство нема некоја разлика, вели Калајџиев во изјава за Сител.

Другите две клучни прашања за кои што се води полемика професорот вели дека се во суштина излишни и мисли дека непотребно ја обременуваат целава дискусија за новиот закон.

Тој вели најдобро е да се заклучи ова прашање и прашањето со доказите кое ќе предизвика непотребни дополнителни компликации во правниот систем и ќе има дополнителни проблеми со постојните случаи кои веќе се водат, бидејќи не е природно еден доказ да вреди во една постапка, а во друга да не може да вреди.

Најдобро е овие прашања да се симнат од дневен ред на дискусија затоа што не им е ни местото во овој закон, судиите не судат по Законот за обвинителство, затоа што постапките се водат според Законот за кривична постапка, истакна Калајџиев.

Професорот тврди дека не треба воопшто да се интервенира во било каква промена, бидејќи судската практика треба и може да ги пополни овие празнини за кои се дискутира.

Тој вели може најдоброто решение за ова е во некој разумен рок од две години да се остави опцијата овие две обвинителства да се спојат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.