Кај еден од вработените на Стоматолошките клиники е откриена бактеријата МРСА, но ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар Свети Пантелејмон- Скопје е безбедна за пациентите, нема опасност од зараза со МРСА, изјави за „Република“ директорката на Клиниката д-р Амела Цана.

Во врска со објавената вест дека во Стоматолошките клиники е откриена бактерија „МРСА“, ја информираме јавноста дека кај еден од вработените е најдена оваа бактерија, но со целосна одговорност ја уверувам јавноста дека нема место за страв кај пациентите, изјави Цана.

Според директорката, состојбата е под контрола, преземени се сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Само кај еден вработен е потврдено присуство на бактеријата, но тој е изолиран и не доаѓа на работа.

Превентивно, направена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории, вели Цана.

Иако кај ниту еден од останатите вработени нема сомнителни симптоми, превентивно по итна постапка во текот на денешниот ден (30.01.2019 година) се закажани термини за санитарен преглед на сите вработени во просториите на клиниката.

Согласно наведеното, апелираме до јавноста дека нема потреба од создавање на паника, ниту било каков сонмеж за сигурно и квалитетно давање на стоматолошки здравствени услуги на нашите пациенти, рече Цана.

МРСА е бактерија којашто е исклучително отпорна на антибиотици, а се пренесува со директен контакт со заболено лице или заразен материјал. Предизвикува опасни крвни инфекции, воспаление на белите дробови или инфекции на местото на хируршкиот зафат.

Симптомите се појава на булбуси на кожата коишто се црвени, отечени, болни и топли на допир, како и висока температура, грозница, слабост, болки во мускулите и така натаму. Во случај на агресивен облик на болеста, доаѓа и до сепса, инфекции на срцевите залистоци или коските и воспаленија на белите дробови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.