Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека Владата за кратко време по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе донесе одлука за отворање на кафетериите и рестораните, но и дека за угостителскиот сектор ќе следи и нова поддршка од државата откако ќе бидат отворени, а за што очекува конкретни предлози од Туристичко угостителската комора.

За отворањето на кафетериите и рестораните е формирана работна група, истовремено се консултираат стопанските комори, а посебно коморите што го претставуваат угостителскиот сектор. Мислам дека Владата за кратко по заклучок и препорака на Комисијата за заразни болести и Министерство за здравство ќе донесе одлука. Во моментов не можеме да прејудицираме каква одлука ќе биде донесена од страна на Владата или пак која би била препораката која се прави во консултација со стопанските комори, рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која објави дека над 19.000 компании досега аплицирале за мерката за финансиска поддршка за исплата на плати.

Прашан дали ќе се преземат мерки за нова поддршка за угостителите затоа што според истражувањето на туристичко угостителската комора, 95 проценти од угостителите не се задоволни од мерките, Бектеши потенцираше дека не знае од каде се извадени таквите податоци затоа што, вели тој, има голем интерес за владините мерки за помош на компаниите.

Секако дека ќе се преземат. Не знам од каде се извадени овие податоци дека 95 проценти не се задоволни од мерките на Владата. Веќе ги кажав податоците, има голем интерес за мерките на Владата. Во Фондот за туризам веќе имаме финален драфт за поддршка на туризмот, угостителството и на транспортот како најпогодени сектори во моментов.Угостителската комора е информирана за сите програми. Очекуваме конкретни предлози и од нивна страна, а дополнително на тоа овозможивме посебно за овие сектори освен да добијат минимална плата, да ја комбинираат оваа мерка и со субвенционирање на придонеси, рече Бектеши.

Туристичко угостителската комора при Сојузот на стопански комори вчера објави резултати од истражување за состојбата со која се соочуваат угостителите во изминатиот период од почетокот на здравствено – економската криза, како и за мерките кои се преземаат од Владата за ублажување на последиците во секторот.

По однос на тоа дали угостителите се подготвени да започнат со работа со половина од расположивите капацитети односно според најавата со скратено работно време и ограничен простор за работа, 59 проценти одговориле потврдно дека се подготвени, додека 41 процент дека не се подготвени за делумно функционирање.

Во однос на економските мерки, на прашањето дали се задоволни од понудената мерка на Владата да даде поддршка, во висина од 9.000 денари или бруто плата од 14.500 денари, 95 проценти одговориле дека не се задоволни, а пет проценту дека се задоволни.

Воедно 70 проценти од угостителите одговориле дека очекуваат дополнителна финансиска поддршка од страна на Владата по започнување со работа, се дел од резултатите од истражувањето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.