Името на пратеникот кој ја пееше македонската химна во Собранието непосредно пред случувањата на 27 април, „вратарот од Собранието“, Крсто Мукоски стана симбол на предавството.
Пратеникот Крсто Мукоски, кој со одлука на Кривичниот суд беше амнестиран од обвинението за настаните од 27 април, денеска е на слобода, добива тендери од власта, и најважно од се – се чувствува како слободен човек.
Каде е Крсто Мукоски, прашаа денеска на протестот за слобода на уставобранителите, роднините и пријателите на затворените.
Морничави слики , хаос по улиците и во Собранието, повредени, полиција во полн состав на секое ќоше во главниот град. 27 април врежа црна дамка во македонската историја. За власта предводниците на движењето „За заедничка Македонија“ со влегувањето во Собранието и пеењето на македонската химна станаа терористи со обвинение дека сториле терористичко загрозување на уставниот поредок.
Пратениците кои ги отворија вратите на Собранието сепак со политичко пазарење се извлекоа од казни за сторените дела. Прифатија да го дадат својот глас за промена на уставното име, а за возврат си ја купија слободата.
Следуваа и нови удари. Под притисок, пратениците кои беа дел од обвинувањата за случките за 27 април, се испазарија и со својот глас за менување на уставното име на Македонија излегоа на слобода и повторно влегоа во Парламентот. Со уцени и пазарења беше изгласан и Законот за обвинителство, на ден пред распуштање на Собранието, по низата турбуленции на политичката сцена. Помина и Законот за двојазичност кој беше услов за владината коалиција на Заев и Ахмети и неговото задржување на власт.
Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои ги отворија собраниските порти, со што и според зборовите на обвинителката Вилма Рускоска, се отворија и портите за извршеното насилство, сега се амнестирани лица.
За потсетување, во членот 1 од Законот за амнестија се пропишуваше дека со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата: осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територијата на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела согласно член 384-Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно член 386-Насилство, согласно член 385-Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело согласно член 313-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во Република Македонија.
Законот се однесуваше и на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и/или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, а во врска со настаните од 27 април 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.