Откако Македонија доби вето за почеток на пристапните приговори со Европската Унија, го нема ни под дрво, ни под камен веќе две недели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој беше гласноговорник за добивање датум за почеток на преговорите и човек познат во македонската јавност како промотор на патлиџан дипломатијата.
Иако државата добива дипломатски банани, поранешниот шеф на македонската дипломатија, а сега главен за водење на процесите за евроинтегрирање на земјата Димитров го нема да излезе со свој став по однос на најновите случувања.

Она што го пренесуваат медиумите е дека ситуацијата и во владата, но и во владејачката СДСМ воопшто не е сјајна. Чудно е и тоа што Димитров не беше помеѓу големиот број на високи партиски функционери побараа одговорност од премиерот Зоран Заев за неговите сервилни политики кон источниот сосед, но и последното интервју за бугарската национална агенција БГНЕС, а ниту пак помеѓу оние кои што се обидоа да го одбранат преку претходно напишани фејсбук статуси.

Со оглед на ваквата состојба логично е да се постави прашањето дали Димитров се чува политички? Или подобро дали Димитров го пушта низ вода премиерот Зоран Заев, во време кога полека но сигурно Заев нема можност за мирно владеење со оглед дека секојдневно има блокади и протести организирани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, или дали можеби се спрема за оставка по неколкуте неуспешни обиди за евроинтегрирање на земјата?

Иначе, Димитров последен пат гостуваше во емисијата Топ тема на ваша страна на ТВ Телма, каде што од самите изјави, а и претходно се повеќе се нагостуваше дека Македонија ќе добие вето и од целиот настап во гостувањето јасно стануваше збор дека интервјуто е веќе претходно договорено а ПИ-арот на Димитров вешто се обидуваше да го претстави како патриот и покрај тоа што тој е потписник на двата договори, едниот со Бугарија, а другиот со Грција за промена на уставното име на државата.

За потсетување на јавноста, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави нова интерпелација за Димитров, или трета по ред ако се земе во предвид дека ВМРО-ДПМНЕ веќе имаше поднесено интерпелација за политичка и морална одговорност за потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија, а потоа и за Преспанскиот договор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.