Ова што се случува во македонското судство е неверојатно. Живееме во време кога се е можно. Зависно од нарачката на политиката и личниот интерес на судијата. Ниту закони, ниту пракса ниту принципи не се важни. Ниту срам за тоа се има.
Под „дното“ имало уште едно многу подлабоко „дно“
Колку и да имаше слабости во судството до 2016 година, 2018 и 2019 година се како „ново време“, ама по лошо. Тоа што се мислеше дека е дно до 2016 година, денес е „едно подобро време“ за судството споредено со денешното безредие, самоволие, политички нарачани пресуди, хајки и хаос.
Има безброј примери за ова. За еден од нив пишувавме пред 2-3 недели и оттогаш ништо не е променето. „Мува не ја лази“, Добрила Кацарска и претседателот на судот Иван Џолев. Опиени од моќта прават што сакаат. Добро упатени во судот кажуваат дека ваквите натписи уште и им годат бидејќи во нивниот светоглед добро е кога медиумите ги третираат па макар и по лошо. Уште кога тоа се медиуми кои не се на листата на омилени на „шефот“ Заев, чувствуваат уште и дека се во добивка во неговите очи, демек делат иста судбина со него. Тие кои него го критикуваат истовремено и нив ги критикуваат. Па има ли подобра препорака од она: „Од иста сме шефе…“. Да, деспотот, ќе ги има во обзир за понатаму.
Ако овие судии по смена на власта останат неказнети за незаконското работење, ништо од реформите во судството на долг рок
Сите се плашат јавно да говорат, но не се воздржуваат да коментираат неофицијално, а доминантен коментар е дека ако по смената на власта, не се ослободи системот и не се овозможи да се санкционира самоволието на вакви ликови, како Кацарска, Џолев, Вилма Русковска, Ставрев, Дарко Тодоровски, Димишкова, Реџепаѓиќ, Катица Јанева и нејзините обвинители, веќе пензиониранта Шопова и нејзината наследничка од Куманово, Милева, Перич и разни други „безрбетни“ судии и обвинители кои работат на копче, на далечинско, тогаш во старт ќе се знае дека од реформа во нашето судство уште долго нема да има ништо. Тоа се коментари на многу луѓе од судската фела, судии, обвинители, адвокати…кои заради страв од казна не сакаат да се објават нивните имиња.
Ова го велат, додавајќи, дека има само еден начин следната власт да им прости на овие лоши примери во судството за не професионалното и незаконско работење, за слугувањето на партијата на власт и за уривањето на имиџот и довербата на судството во очите на народот. Тоа е ако новата власт прифати овие „трагични“ , а во оваа фаза, весели и среќни ликови, да и слугуваат на новата власт исто како на СДСМ. Нивните колеги велат дека не е доволно да бидат само разрешени од судии. И онака дел од нив се пред пензија , па само порано ќе си отворат адвокатски канцеларии. Не. Тие треба да одговараат пред правдата за свесното незаконско работење. Само така правдата ќе биде задоволена. Заедно со нив и нарачувачите на пресудите. Од советници до врвот.

Добрила Кацарска до последното рочиште заедно со Дарко Тодоровски го водеа случајот „Поткуп“, и формално се повлече само за чинот на јавното изрекување на пресудата на Заев со која тој беше ослободен од дело каде очигледно бара мито.
Кацарска меѓу предводниците на партиското судство
Истовремено Кацарска најладнокрвно, со без докази дека го прекршиле законот ги осуди Груевски, Поповски и Јанкуловска, следејќи ја јавната изјава на Заев две недели пред изрекување на пресудата за Груевски и Поповски.
Судијка која за удрени неколку клоци или тупаници свесно прифати нереална квалификација „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за да не поминат обвинетите како и секој друг во ваква ситуација со ниска казна која би била или условна или неколку месеци ефективен затвор, им досуди по 15 години затвор на луѓето кои погрешија со физичките пресметки но добија абнормална казна. Покрај нив и поранешниот министер Чавков и пет други полициски службеници од невини ги направи виновни и им додели драконски казни по 18 и 15 години затвор.
Таа судијка и понатаму се однесува како „шериф“ во судот. Задоени од поддршката и восхитеноста на луѓето во власта, поведена од лични амбиции и алчност за слава и моќ истата и понатаму незаконски постапува. Половина година жалбата за „Тенк“ Кацарска противзаконски не ја препраќа до Врховниот суд на одлучување.
Имено, по повторните проверки за она за што веќе објавивме пред повеќе од две недели дознавме дека и после речиси половина година од поднесување на жалбата за нејзината пресуда во предметот „Тенк“ таа недозволива Врховниот суд да ја добие, разгледа и да одлучи по таа жалба на Никола Груевски и Ѓоко Поповски кој патем речено лежи во затвор само заради таа пресуда бидејќи втората пресуда против него од истиот судија Добрила Кацарска веќе падна на Врховен суд и се врати на повторно судење.
Меѓу другото, падна и заради фактот кој адвокатите и обвинетите стотици пати го истакнаа во јавноста и во судниците, а тоа е дека вештаците кои вештачеа 80 осто од случаите на СЈО, вклучувајќи ги предметите „Тенк “и „Триста“ , каде вештачеле истите лица и тоа во ист период кога немале лиценца.
Законот наложува судијата во основен суд жалбата до Врховниот суд, која формално се поднесува во Основниот суд, да мора да ја препрати максимум во рок од 30 дена. Во праксата низ децениите наназад, секогаш судиите ги препраќале жалбите за еден или два дена, не чекајќи го рокот од 30 дена. Кацарска ја чува и не ја пушта во Врховниот суд жалбата на Груевски и Поповски цели 6 месеци. И никому ништо.

Одговорност за сите учесници во процесот, не само за Кацарска
Еден ден кога ќе се направи ревизија на незаконското работење на судиите, не смее да се прескокне и Републичкиот судски совет, чии членови иако знаат за ова, бидејќи одамна се известени од адвокатите, не реагираат и со тоа го овозможуваат незаконското работење на Кацарска.
Заедно со Кацарска за сите незаконски постапки треба да одговараат и членовите на нејзиниот совет, како вториот судија Дарко Тодоровски така и поротниците, бидејќи колку и да е Кацарска доминантна, сепак заедно и со гласање се носат одлуките и секој одговара за своите постапки поединечно.
Ваков преседан се нема случено во историјата на македонското судство.
Судијата кој ја донел осудителната пресуда, од страв Врховниот суд да не му ја поништи одлуката, како што веќе ја поништи за предметот „Триста“ , ја чува во фиока жалбата и недозволува Врховниот суд да одлучува за истата, а при тоа еден од обвинетите токму заради таа пресуда е во затвор на отслужување на казната, а другиот доби политички азил заради политички прогон од власта која го контролира правосудниот систем, и тоа во земја членка на ЕУ и НАТО.
Врховниот суд изложен на тежок притисок од власта
Можеме само да замислиме под каков притисок е и ќе биде Врховниот суд за да го примораат да им го потврди незаконското работење на ваквите судии на далечинско контролирани од власта.
Впрочем, видливо е како против претседателот на Врховниот суд се води јавна медиумска и институционална кампања со цел негово декредибилизирање и принудување на соработка со власта. На сето ова нема реакција од Европската унија и другите држави и институции кои ја преставуваат меѓународната заедница.
Молчат и тие кои не смеат да молчат. Ребаншизмот е веќе исцртан
Молчи и претседателот Ѓорге Иванов, за кого проструеја информации дека е заплашен и уценет од власта и затоа дури и по очигледните политички нарачани пресуди, нереалните пресуди за тероризам со драконски казни, ни по претепувањето на поранешните министри во притворот не реагира.
Време на страв. Но секое време на страв завршува. Потоа почнува време во кое се сумира кој како се однесувал додека траела „окупацијата“. И од јавноста и од историјата. Едни од сето тоа ќе излезат како херои, други засрамени.
И за жал, шансите за реваншизам после ваков излив на политички прогон се огромни: некој Митко еден ден ќе му порача на некој Зоран да бега подалеку…
И додека се ова трае, народот разочаран се иселува. Неповратно земјата се празни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.