Во врска со таканаречениот нон-пејпер кој беше објавен денеска во медиумите, Кабинетот на претседателот Пендаровски информира дека со Република Бугарија со месеци наназад не се водат никакви преговори и поради тоа од Софија до Скопје не е доставен никаков документ.
Ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Нон-пејперот, кој беше објавен денеска од ТВ Клан содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ на Република Бугарија ќе ѝ се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност .
Во нон-пејперот, кој го објави ТВ Клан, се тврди дека во Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Уставот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.
Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичката вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе ѝ се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети, се наведува наводно во нон-пејперот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.