Најавата на министерот Венко Филипче за задолжителна вакцинација или приложен тест не постар од 3 дена и тоа на трошок на вработените во јавниот сектор во Maкедонија, ја разбранува јавноста. Мерката е противуставна и го укинува правото на слобода при избор, укажуваат синдикатите, експертите, граѓаните.

Дека се кршат закони посочува и професор на правниот факултет при УКИМ.

Неодобрувањето од јавноста на предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести е нормална реакција на луѓе чии човекови права се најбрутално повредени и скратени!, смета универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Во објава на Фејсбук овој вонреден професор по трудово право на скопскиот Правен факултет „Јустиниајна Прима“ наведува дека со мерките се прекршува и Резолуцијата 2361 на Советот на Европа.

Мерките кои се предложуваат се однесуваат во однос на ограничување на правата и движењето на оние кои одлучиле да не се вакцинираат бидејќи имаат антитела или едноставно немаат доверба во вакцините за Ковид. Патем кажано, имаат право на тоа загарантирано со македонскиот Устав, како и согласно меѓународни акти, од кои сега ќе ја издвојам само Резолуцијата 2361 на Советот на Европа: точка 7.3.1. – „Граѓаните да бидат информирани дека вакцинацијата против ковид 19 не е задолжителна и дека никој не смее да биде под политички, социјален или друг вид на притисок за да се вакцинира ако тоа не сака да го направи“. Точка 7.3.2 предвидува „Никој нема да биде дискриминиран, затоа што не се вакцинирал, било поради здравствени ризици или затоа што не сака да се вакцинира!, потенцира во објавата Јовевски.

Тој, натаму, наведува дека доколку се усвојат овие мерки, правдата овој пат треба да се бара преку правото.

Прво, одлична можност земјава да покаже дека навистина имаме владеење на правото, а судовите да одлучат согласно Устав и закон, па да покажат дека се стручни и целосно независни од власта. Второ, со ове мерки директно се прекршуваат правата од работен однос, и се прави директна дискриминација, а за што претходно многупати говорев и за жал предвидов дека ќе се донесат вакви мерки. Исто така, одамна говорам дека правото е начин да се истурка правдата, но ме поттикна и веста која вчера ја прочитав низ некои медиуми дека во Хрватска се пријавиле доброволно 300 адвокати кои бесплатно би ги застапувале граѓаните пред суд за да ја добијат правдата токму поради слични мерки кои ги воведе нивната држава, потенцира Јовевски.

Тој ги охрабрува и македонските адвокати час поскоро да иницираат ваква иницијатива, зашто е одличен пример за штитење на народните (граѓанските) интереси.

Инаку, што ќе ни е правото ако со него не се ползува правдата? Ако правото е неправда, тогаш тоа не е право! (Радбрух), наведува професорот Лазар Јовевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.