Кадровските капацитети – клучен предизвик за Јавното обвинителство во 2022 година, оцени државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска на традиционалната предновогодишна средба со шефовите на јавните обвинителства во државата.
На средбата, која поради КОВИД пандемијата и оваа година се одржа онлајн, од ЈОРСМ соопштија дека обвинителите ја анализирале годината што изминува и разговарале за идните планови на институцијата.
Обвинителите годинава имаа тешка задача, оцени Јовески. Од една страна, материјалните и кадровски услови за работа и покрај малото подобрување, беа недоволни. Од друга страна, во текот на 2021 година имаше кривично-правни настани и предмети кои по својата тежина беа испит за самостојно, стручно, одговорно постапување и пред се за обвинителство кое неселективно ќе ги гони сторителите на кривични дела.
Сметам дека со својата одговорна работа јавните обвинители, успешно ја овозможуваа и гарантираа ефикасноста на кривично – правниот систем во општеството. Сепак, претстојат уште многу предизвици, рече државниот јавен обвинител.
Според него, еден од клучните приоритети за ефикасна борба против криминалот е зајакнувањето на кадровските капацитети на обвинителството. Во овој сегмент, работите се придвижуваат нанапред, но потребни се дополнителни заложби.
Имено, обвинителствата се соочуваат со природен одлив на вработените, како и на јавните обвинители кои заминуваат во пензија. Уште повеќе што во меѓувреме, донесени се законски одредби со кои се оневозможува работењето на јавните обвинители по навршување на 64 години. Па така, имајќи ја предвид старосната структура во обвинителството, следната година во пензија треба да заминат околу 20 обвинители, во 2023 година уште петмина. Нивното место, според сегашната динамика ќе може да се пополни дури за две години. Постои опасност основни јавни обвинителства да останат без јавни обвинители, како што се обвинителствата во Свети Николе и во Делчево. И другите основни обвинителства во државата остануваат со далеку помал број обвинители од потребниот, со што се доведува во прашање не само нивната ефикасност, туку и извршувањето на нивната функција. Овие прашања се високо приоритетни за следниот период и тука вложуваме напори за нивно разрешување, истакна Јовески.
Тој додаде дека во дел од обвинителствата започнаа да функционираат истражните центри и веќе започнаа да се чувствуваат првите придобивки од поголемата независност во преземањето на истражните дејствија. Сепак, клучно е натамошно материјално, просторно и кадровско опремување на истражните центри, а впрочем тоа е и обврска за нашата земја нотирана и во последниот извештај на Европската комисија.
Недостигот на стручен кадар е видлив и во делот на секторот за информатички технологии, особено ако се имаат предвид плановите и најавите за дигитализација на правосудството, а со тоа следствено и на обвинителството.
Во годината што претстои, планирани се и крупни законски измени кои директно ја засегаат работата на Јавното обвинителство. Формирана е работна група за изработка на нов Кривичен законик во Министерството за правда, во која учествува и јавен обвинител, а претставници од Јавното обвинителство учествуваат и во работната група за Законот за кривична постапка.
На средбата, Јовески директно апелираше на отчетно и одговорно постапување од страна на сите јавни обвинители.
Во текот на 2021 година работевме на обезбедување интерни механизми и правна рамка за ефикасно работење, на зајакнување на капацитетите на вработените, на зголемување на транспарентноста и меѓународната соработка. Отпочнат е процесот на согледување на резултатите, одговорноста и отчетноста на јавните обвинители со тоа што започна да се оценува работата на секој јавен обвинител преку систем за утврдување на резултатите. Ве повикувам овој систем на оценување да го прифатите како еден поттик за уште поголема ефикасност во вашата работа. Секако, системот е нов и во текот на годините што претстојат треба да се усовршува и надградува согласно стекнатото искуство од примената, нагласи Јовески.
Тој додаде дека состојбите во обвинителството мора да се менуваат на подобро и поефикасно работење, со зголемување на неопходните материјални средства за извршување на функцијата. На пример, Буџетот за следната година зголемен е околу 14 отсто, платите на јавните обвинители и јавнообвинителските службеници ќе се зголемат за 15 отсто, а обвинителството ќе мора да оствари сериозни реформи за да се придвижи кон европските стандарди. Охрабрување на тоа е што во последниот извештај на ЕУ се нотира напредок во справувањето со тешкиот и организиран криминал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.