Да не се прифати понудената гаранција за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше ставот на Обвинителството во постапка што се водеше. Овој став, како што вели во интервју за МИА државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, произлегува од неколку причини. Не мало значење, според него, има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.
Ставот на Обвинителството во целата постапка што се водеше по повод понудената гаранција за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше да не се прифати понудената гаранција од неколку причини. Обвинителството даваше негативни предлози затоа што процени дека нема увид во имотната состојба на обвинетиот и второ имотот којшто се нуди за гаранција се состои во недвижни предмети кои се нудат по исклучок, инаку гаранцијата по правило се полага во готови пари од една страна, од друга страна понудениот имот нема доволен квалитет за да може брзо да се впаричи, вели Јовески.
Тој потенцира дека укинувањето на мерката притвор е одлука на судот и затоа во овој момент не може да ја коментира.
Обвинителството ги коментира тие одлуки во делот на правните лекови од една страна, а од друга страна јас се уште не сум ја видел одлуката, ниту образложението на донесената одлука, истакна Јовески.
Појасни дека гаранцијата во основа се полага во пари, во вредности или во други драгоцености коишто лесно можат да се впаричат и дека висината на гаранцијата зависи од семејните и имотните состојби и личноста на обвинетиот.
Не мало значење, според државниот јавен обвинител, има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.
Во постапката Комерцијална банка Скопје даде согласност дека сака да биде доверител од втор ред, додека државата да биде доверител во делот на гаранцијата од прв ред, потоа таа согласност ја повлече и одново даде таква согласност. Со оглед на тоа што за одобрување на кредитите има посебна постапка и интерни упатства и процедури, а Народната банка се грижи за функционирање на банкарскиот систем во земјата, сметам дека Народна банка треба да испита дали со оваа согласност некој излегол вон рамките на своите службени овластувања, или пак се доведени во прашање интересите на другите комитенти на банката, подвлече Јовески.
Во делот на непроверените изјави дека во судскиот совет кој ја донел одлуката учествувал судија кој бил на боледување, обвинителот Јовески рече дека во овој момент неможе да ја потврди таа информација.
Тоа веројатно треба да го утврди судскиот совет, со оглед на тоа што судија којшто е на отворено боледување неможе во тој момент да ја извршува судската функција, додаде тој.
Во делот на предметот „Плацеви на Водно“, Јовески рече дека станува збор за дејствија кои што се извршени пред повеќе години наназад, дека станува збор за дејствија извршени од повеќе лица, дека тоа во тој момент кога се преземале дејствијата било толерирано и дека Обвинителството и другите надлежни институции тешко можат да ги прибираат доказите, но со напор на обвинителите, се разбира и на другите служби од кои Обвинителството бара определени податоци, ние имаме релевантни докази за ова кривично дело.
Интервјуто на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за МИА ќе биде објавено на 3 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.