Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева сè уште е во Обвинителството за организиран криминал каде дава свој исказ за истрагата „Рекет“. За разлика од сите нејзини колеги од СЈО, кои на распит дојдоа сами, но и според досегашната пракса, Јанева во судот се појави заедно со адвокат, што наиде на доста коментари од искусните адвокати. Повикувајќи се на својата пракса, велат дека досега не им било дозволено на сведоците да бидат испрашувани во присуство на бранител.

И според адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска тоа што Јанева влегла со адвокат е проблематично, но тоа е помалиот проблем.

Поголемиот проблем е што е со адвокат кој е бранител на еден од обвинетите во предмет кој таа го гони. Согласно законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Зошто ова ни се случува?!, прашува Јошевска.

Инаку, адвокатот на Јанева, Стеван Павлески, е бранител и на бизнисменот Цветан Панделевски, осомничен во случајот на СЈО „Империја“. Исто така, Павлески му е бранител и на екс директорот Љупчо Ѓорѓиевски, обвинет во случајот „Траекторија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.