Таму каде што застанаа Каракачанов и Ковачев, продолжи екс бугарскиот амбасадор во Македонија. Александар Јорданов во телевизиско интервју вели дека македонскиот јазик постои само од политичка гледна точка, а дека заедничка историја не можат да споделуваат. Тој вели дека вината е кај бугарската влада, која за разлика од грчката во случајот со Договорот од Преспа, оставила Договорот за добрососедство да го кројат историчари и луѓе од науката.
Нема сомнение дека македонскиот јазик е норма, односно, дијалект на бугарскиот јазик. Ако народите се различни, како што тврди македонската страна, има македонски народ, има бугарски народ, не можат да имаат заедничка историја. Заедничка историја може да има само еден единствен народ, вели Александар Јорданов, поранешен амбасадор во Македонија.
Провокациите и денеска ги продолжи бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, чија Фејсбук станица трет ден изобилува со антимакедонска пропаганда.
Никој не оспорува како се изјаснуваат сега луѓето, но никој не може да оспори како се изјаснувале во минатото“, пишува Ковачев, постирајќи документ на бугарски јазик од 1863 години, натпис на историски артефакт во Битола. И додека се чека став на Борисов и околу скандалозните ставови на Каракачанов, кој преку ноќ, се сети дека сака ревизија на Договорот за добрососедство, екс амбасадорот Јорданов, признава дека вицепремиерот очигледно собира ситни поени или е под сериозно руско влијание за дестабилизација на Балканот.
Мислам дека Каракачанов се обидува да се врати со ваквиот говор како лидер на партијата, заборавајќи дека е вицепремиер и министер за одбрана, кој крена рака и гласаше за овој бугарско-македонски договор. И сега глуми дека е изненаден дека гледа оти овој договор подразбира поинакво толкување во двете земји, вели Александар Јорданов, поранешен амбасадор во Македонија.
Членот 11 од Договорот со Бугарија е јасен – ниту една од двете страни нема дa презема дејствија кои имаат непријателски карактер кон другата страна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.