Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет -Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, ја известува јавноста дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес, информираат од Јавното обвинителство.

Дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство е присутен во седиштето на СВР Скопје каде заедно со Штабот во рамките на оперативна акција Избори 2021 година се следат сите настани поврзани со неправилности за локалните избори.

Основното јавно обвинителство Кочани синоќа прими кривична пријава против две лица за кривично дело – Спречување на избори и гласање од член 158 став 1 и кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 став 1 од Кривичниот законик. Јавен обвинител веднаш издаде наредба до МВР-ОВР Кочани за да се извршат проверки по наводите во пријавата.

До Комисијата, преку електронската адреса во текот на вчерашниот ден пристигна една пријава од невладина организација, која се однесува на притисоци и закани упатени кон набљудувачи на изборите искажани преку коментари на социјална мрежа. Комисијата ги проверува наводите.

-Во претходните денови, Комисијата постапуваше по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори. Дадени се задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности преку воспоставените дежурства на јавни обвинители во основните јавни обвинителства продолжува да го следи спроведувањето на локалните избори, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.