Лидерот на Словенечката национална странка (СНС) и пратеник Змаго Јелинчич Племенити побара од министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, да го блокира почетокот на преговорите за членство во Европската унија со Македонија додека не бидат ослободени осудените за 27 април и не им биде овозможено праведно судење!

Република Македонија чека потврда од Европскиот совет за почетокот на пристапните преговори, при што своја согласност мора да даде и словенечката Влада. На 27 април 2017 година Република Македонија претрпе една од најтешките повреди на уставното уредување на државата, кога пратениците на владејачката коалиција наспроти сите законски прописи го избра новиот претседател на Парламентот, Талат Џафери, поранешен командант на терористичката ОВК. Тој беше избран без законски потребната поддршка и надвор од собраниската процедура. Тоа беше повод револтираните демонстранти истиот ден да упаднат во Парламентот. За среќа, никому ништо посебно лошо не му се случи.

 

Набргу потоа лидерот на СДСМ и сегашен претседател на Владата, Зоран Заев, нагласи дека очекува најстрога казна за сите демонстранти што упаднаа во Парламентот. На тој повик, како продолжена рака, следуваше реакција на Јавното обвинителство, кое 33 демонстранти обвини за терористичко дејствување. Меѓу нив беше и светски познатиот оперски пејач Игор Дурловски, кој на протестот само ја пееше македонската химна.

 

Без какви и да било докази, во политички мотивирани и монтирани судења, на кои им судеше судијка позната по блискоста со владејачкиот СДСМ, 16 демонстранти беа осудени на вкупно 211 години затвор или во просек по 15 години поединечно. Така беа осудени обични граѓани и претставници на опозицијата.

 

Еден од прогонетите демонстранти успеа пред апсењето да избега во Шведска. Македонските власти со меѓународна потерница бараа од Шведска негово израчување, но шведскиот суд им го одби барањето. Во 18 точки од судот на земјата-членка на ЕУ беше изрично наведено дека израчувањето не е можно, бидејќи станува збор за политички, а не за кривичен прогон, како и дека доставените докази од страна на Македонија не го докажуваат кривичното дело за кое беше обвинет – тероризам. Шведскиот суд на бегалецот му додели азил поради политички прогон во Македонија.

 

Дека станува збор за политичка пресметка со противниците на режимот на Заев зборува и фактот дека македонските граѓани од албанска националност – борци на Исламската држава (ИСИС) кои се вратија од боиштата во Сирија во Македонија во 2018 година поради учество во терористичка организација и злосторства против човештвото се осудени во просек на само по 6 години затвор!

 

Во Република Македонија има сериозни повреди на човековите права и политички прогон на граѓаните. Такво однесување во 21. век е недозволиво. Покрај тоа, мора да се нагласи дека станува збор за, на крајот на краиштата, европска земја во која почитувањето на човековите права е суштинска врска меѓу сите земји-членки.

 

Почитувани, поради горенаведените постапки, во името на пратеничката група на СНС поднесувам пратеничка иницијатива и предлагаме:

 

– Владата на Словенија да го блокира почетокот на пристапните преговори на Република Македонија со ЕУ сè додека Македонија не ги ослободи осудените политички затвореници и не им овозможи слободно и правично судење под надзор на меѓународната заедница. Како што утврди и судот на земја-членка на ЕУ, станува збор за политички монтиран процес недостоен за идна членка на ЕУ;

– Предлагаме министерот за надворешни работи да ја осуди на сите меѓународни нивоа наведената проблематика, а таков став во името на Република Словенија да застапува и нејзината дипломатска мрежа, стои во барањето на Јелинчич.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.