Групата „Јавна соба“ во која над 6.500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, синоќа е избришана на социјалната мрежа Телеграм. Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува.

Премиерот Зоран Заев и минитсерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го поздравија чекорот на платформата Телеграм и порачаа дека оние што го прекршиле законот ќе бидат казнети. Заев и Спасовски, претходно, се заканија дека е можно блокирање на Телеграм во земјава ако платформата и натаму остане глува на барањата на полицијата и обвинителството за бришење на „Јавна соба“.

Телеграм или ќе ја затвори групата, или земјата ќе ја блокира оваа социјална мрежа, најави вчера премиерот Зоран Заев.

Истакна дека до социјалната мрежа Телеграм се испратени категорични барања да ја избрише групата „Јавна соба“. Ако не го сторат тоа, Заев најави дека е можно да се блокира апликацијата.

Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела, истакна премиерот.

Тој изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека веднаш ќе одговорат на нивните бројни барања и ќе почнат да соработуваат. Заев упати охрабрувачка порака за жртвите на тоа насилство, нагласувајќи дека ги преземаат сите неопходни чекори да ги заштитат и да се казнат сторителите.

И Спасовски предупреди дека е можно е банирање на целата платформа Телеграм што работи на територијата на нашата држава затоа што, како што рече, постојано се креираат вакви групи.

Креирањето на ваквите групи секако се од лица кои имаат сериозни намери да нарушат лична безбедност или лични податоци на одредени лица. Јас очекувам сите одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата, и тоа да претставува обесхрабрување за секој што ќе се дрзне во иднина на ваков начин или на која било платформа, социјална мрежа, да злоупотребува лични податоци, рече Спасовски.

Тој потенцира дека работат заедно со Обвинителството се со цел да се обезбедат и дополнителни докази коишто во постапката. Спасовски ги повика сите жртви на „Јавна соба“ да пријават во полиција.

Покрај досега приведените четири лица, се трага и по други креатори и членови на групата.

 Секако дека трагаме и по други, имаме идентификувано уште лица кои во наредниот период ќе бидат приведени. Интензивно работиме во соработка со ЈО. Имавме експресна, брза реакција во делот на пронаоѓањето на овие сторители, и сметам дека на овој начин можеме ефикасно да ставиме крај на вакви злоупотреби на одредени социјални мрежи, рече Спасовски.

За „Јавна соба“ се огласи и шефот на државата Стево Пендаровски, кој во изјава за МИА рече дека насилството врз жените и девојчињата, во секоја форма – психичко, физичко, сексуално, е казниво со закон и побара од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи.

Според Пендаровски, правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт – Уставот.

Деновиве сме згрозени што повторно сме сведоци на случајот „Јавна соба“, случај во кој фрапантно се крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи. Одговорност мора да има во најкус можен рок, вели Пендаровски.

Тој посочува дека доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви.

Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш!“, вели Пендаровки за МИА, коментирајќи го случајот со „Јавна соба“.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, упати порака до жртвите на ваквите злоупотреби да се охрабрат и да ги пријавуваат случаите, да се подигне јавната свест за овој проблем, и најави дека „Јавна соба“ ќе биде катализатор за побрзо спроведување на потребните законски измени за спречување на вакви појави.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека власта не е способна да се справи со случајот „Јавна соба“ и да ги заштити граѓаните, а најмалку малолетни лица да не бидат жртви на вакви злоупотреби.

Додека секојдневно се јавуваат жртви на овој случај, Заев и Спасовски не нудат никаква нивна заштита. Спасовски јавно потенцира дека не е способен да се справи со овој случај, а пак наспроти него Заев најавува дека ќе ја забрани апликацијата Tелеграм. За разлика од Спасовски минатата година исто во јануари кога се појави случај со „Јавна соба“ за само еден ден беше расчистен бидејќи со МВР раководеше министерот Наќе Чулев и целото министерство го стави во функција на заштита на жртвите и затварање на групата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од земјава.

Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа регистрирани околу 7000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни.

Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба“ по преземените мерки е згасната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.