Во последното деноноќие се попишани повеќе од 20 илјади граѓани, државјани на Република Македонија кои живеат и престојуваат во странство, со што вкупната бројка на оние кои се самопопишале до утринава во 9 часот е 121.580 лица, соопшти денеска на прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Таа појасни дека ова нагло зголемување се должи на викендот и смета дека кампањата што се води во странство ги дава резултатите, апелирајќи до граѓаните да се самопопишуваат.
Тоа е многу едноствна процедура, лесно достапна и брзо се завршува. Податоците што се даваат се безбедни и максимално заштитени и ќе се користат исклучиво како податоци само за статистички цели, нагласи Ѓоргиева.
Таа информира дека главниот попис во земјава ќе почне на 1 април, а викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што требало во одредени пописни реони и нагласи дека се задоволни од одзивот. Ѓоргиева информира дека вчера биле направени списоците, а денеска во сите пописни реони каде се барале попишувачи има тестирање на кандидатите, а се очекува во следните денови да ги имаат резултатите и да почнат да се изготвуваат решенијата за ангажирање на попишувачите. Во следните денови продолжува и дистрибуцаијата на материјалите потребни за работа на комисиите на пописните реони, а почнуваат и обуките на реонските инструктори кои потоа ќе бидат оспособени да ги обучуваат реонските попишувачи.
Засега се се одвива според планот и роковите кои досега беа предвидени и нема никакви одложување на сите постапки и процедури, нагласи Ѓоргиева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.