Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип вечерва ја прослави 29-годишнината од формирањето. На свеченоста обраќање имаше претседателот на партијата, христијан Мицкоски, кој го започна својот говор со нагласување на значењето на Штип за партијата, но и за македонската историја воопшто.
Штип е градот на непокорот и македонската пркост, ова кораво место кое на ВМРО-ДПМНЕ му даде великани кои ги паметиме и денес и има заслужно место во историјата, во растот и во сите историски важни делови од животот на организацијата која секогаш му припаѓаше и сè уште му припаѓа единствено на народот на Македонија. И така и ќе остане.

И нашето ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ, не е дрво без корен, и затоа непропуштам во секоја прилика да се навратам на споменот и делото на оние кои се вградија во историјата на нашата земја. И овие 29 години кои денес ги бележиме, од формирањето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ не ќе значат ништо без таа децениска и вековна борба на организацијата која ги анимираше, храбреше и чуваше нашите идеали. И така ќе остане и денес кога Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Штип е еден од чуварите на тие идеи и идеали, рече Мицкоски.

Во обраќањето тој се наврати на зборовите на Тодор Александров, кој вели: „Македонија во минатото даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои, подготвени за самопожртвување, пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа“.
Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ова место ми помогна да работам во моментот со капитал, создаден од сите творци на македонската епопеја и да го претставувам идеализмот, моралната сила и цврстината на борбена Македонија. Драгоцените квалитети и дарби на Македонија се залог за сигурноста и брзо извојување на независноста на Македонија. Независноста не падна од небото туку таа дојде како резултат на макотрпна борба. Како редолсед на многу неуспеси, обиди и саможртва, но и славни победи. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Штип растеше и се развиваше, тој е еден од значајните столбови на партијата кој остана непоместен, цврст бедем во сите невремиња и бури за нашата земја и за нашата партија, рече Мицкоски.

Мицкоски се осврна на политичката реалност и на иднината што може да се очекува да произлесе од оваа реалност.
Отворено, овие 20 месеци зад нас и за ВМРО-ДПМНЕ беа едни од најтешките од создавањето до денес. Но ние не наведнавме глава, не свиткавме кичма и заедно опстанавме. Еден до друг, еден покрај друг се имавме во сите удари кои ги преживеавме, во сите напади, внатрешни и надворешни. Ние останавме. И опстоиме! Свесни за сите наши пропусти во минатото, доекипирани, со визија тргнавме напред. И денес кога ја гледам оваа преполна сала на луѓе чии срца и мисли се исполнети со жарот за Македонија, кога го гледам и ангажманот на претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип, Иван Јорданов, и на сите членови, можам да кажам и да заклучам, Штип е победнички! Штип ќе биде прв во браната која ќе го запре ова лудло кое и се случува на нашата земја, ова зло кое надвиснало над Македонија и кое ја одзема иднината ќе биде поразено. Штип ќе е браната пред која ќе распука оваа криминална власт на Заев и неговата каста, и го чекаме денот во месеците кои следат и повикот одовде од гордиот Штип кога громогласно ќе се слушне веста, дека Штип победил, а власта загубила, повика Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.