Службата за интервентна кардиологија и радиологија на Градската општа болница „Осми септември“ во Скопје ќе добие нов мобилен ангеограф, како донација од Јапонија. Вредноста на оваа апаратура е 100.886 евра.
Договорот го потпишаа амбасадорот на Јапонија во земјава, Хиронори Савада и директорот на болницата „Осми септември“, Христијан Костов.
Според амбасадорот Савада, овој апарат ќе придонесе за зголемување на квалитетот и капацитетот на болницата за да го адресира здравјето на кардио-васкуларниот систем.
Ова дополнително ќе придонесе за намалување на ризикот од мозочен и срцев удар, кој е една од најчестите причини за морталитет во Македонија – изјави амбасадорот Савада пред потпишувањето на договорот.
Овој грант е во рамки на Јапонската програма ЏЏП, а како што порача јапонскиот амбасадор, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Македонија во социјалниот и економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во Европската Унија.
Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност, или ЏЏП, е еден од столбовите на нашата стретегија за соработка со Македонија. Од 1996 година, Јапонија со вкупно 7,8 милиони евра поддржа 158 ЏЏП проекти, од кои 30 во Скопје во секторот здравство, образование и животна средина – истакна Савада.
Савада додаде дека во рамки на оваа програма, ќе потпишат уште пет проекти во декември и најверојатно уште неколку до март.
Директорот на болницата, Христијан Костов напомена дека со овој грант, Јапонија и јапонскиот народ продолжува во континуитет да помага во модернизирањето на болницата.
По потпишувањето на договорот, Костов напомена дека станува збор за втор грант, и благодарение на овие грантови се создаваат многу поволни услови во болницата „Осми септември“ да се вршат најсоодветните, насофистицираните интервентни и други радиолошки процедури.
Како што истакна, целта е да се намали листата на чекање, пациентите да имаат поквалитетно здравство и сите оние софистицирани медицински интервенции да бидат правовремено згрижени.
Со набавка на оваа опрема Јапонија помага нашата болница да понуди врвна здравстена заштита, за што искрено се заблагодаруваме – изјави директорот на болницата „Осми септември“, Христијан Костов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.