На денешната прес конференција Генралниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, истакна дека „Правда во Македонија нема и нема да има се додека судот и обвинителството работат по политичка нарачка на аболицираниот Заев.“

Денеска целата јавност го виде тоа за кое што се говореше и пишуваше со недели и месеци.

Италијанскиот весник „Ла Верита“ објави снимка од која јасно се гледа како Боки 13 или по ново Боки Тредичи зема милион ипол евра и во име на Катица Јанева ги договара чекорите кои ќе ги превземе СЈО во случајот „Империја“.

После денешната снимка станува јасно зошто истрагата тапка во место, а Русковска заедно со Катица Јанева се на одмор.

Невозможно е целата јавност да зборува и да знае за рекетот, само Вилма Русковска да не знае што се случувало!

Невозможно е целата јавност и медиумите да говорат за улогата на Катица Јанева, Кики, Фрики, Шеки и останатите, а Вилма Русковска да не слушнала ништо.

Невозможно е да исчезнуваат суштински докази во предметот, да се губат и форматираат телефони и компјутери, а Русковска да ја врти главата без некој да и каже да го прави тоа.

Дури и обвинител почетник би ги поврзал конците, би пресметал колку се два и два и би се потрудил да ги обезбеди доказите и за останатите инволвирани.

Денеска гледаме дека Русковска цел месец само ја замајува јавноста и се труди да ја минимизира политичката штета по Заев, обидувајќи се да ги прикрие трагите, наместо да ги докажува сомненијата за останатите инволвирани.

Цел месец Русковска се труди да не убеди дека Боки Тредичи сам влегувал во домовите на бизнисмените и без ничија поддршка изнудувал милиони евра.

Одговорност за овој меѓународен скандал мора да има. Одговорност мора да има за извршителите и за нарачателите, но одговорност мора да има и за  оние кои го покриваат криминалот целиот овој изминат период. Исто така одговорност мора да има и од  Русковска затоа зошто одлучи да не покрене истрага и против Катица Јанева, и против Кики и Фрики. Со што тие ја имаат задолжено неа или Зоран Заев? Имаат ли дополнителни информации за криминалите на власта?, праша Јанушев.

Јанушев истакна дека „На снимката јасно се слуша разговорот на Боки 13 во кој вели: ‚Нема да употреби Катица сега никакви вонредни правни лекови да го продужува и да го одолговлекува моментот, во понеделник или вторник сте на слобода’.“

Снимката која ја емитуваа италијанските медиуми е крунски доказ дека Јанева е институционалниот извршител на милионскиот рекет. Но и дека Боки 13 и Кичеец се само пипките на криминалниот октопод на власта. Овде се работи за злосторничко здружување од судии, обвинители и политичари, кои со години харале низ државата и уценувале. За ова одговорност мора да има веднаш.

Пет месеци по настанот, гледаме дека се што Боки 13 ветил и се остварило. Имено исто како што ветува во снимката, барањето за укинување на мерката притвор е одбиено од Апелација. Дополнително одлуката на Врховен суд за укинување на притворот е донесена во понеделник, на 4-ти март. Значи буквално исто онака како што ветува.

Наместо на плажа, Јанева сега требаше да се наоѓа во притвор. Вилма Русковска треба да одговори зошто дозволи Катица Јанева да се шета на слобода, со целосно одврзани раце да влијае на сведоци и уништува докази, да го повтори делото, па дури и да се впушти во бегство.

Русковска треба да одговори дали свесно ја оставила Јанева на слобода за истата да уништува докази, за што постои отворен сомнеж во јавноста дека истото и го направила. Имено Јанева првин тврдеше дека го загубила телефонот, за подоцна истиот да и биде пронајден кај девојката на нејзиниот син, за на крај да се испостави дека истиот е форматиран.

Од снимката се гледа и слуша дека Боки и Кичеец се само обични извршители, а вистинските организатори се други. Ваков милионски рекет кој траел со години, а бил вршен со помош на уцени и ветувања за слобода или затвор директно од Катица Јанева, не може, а да не бил со амин на Зоран Заев, кој ја има апсолутната власт во Република Македонија.

Зоран Заев, СЈО и ЈО на Русковска по денешната снимка се целосно компромитирани и не компетентни да бидат носители на функција. Потребна е итна оставка на владата и организирање на предвремени парламентарни избори, рече Јанушев.

 

Неколку прашања беа поставени до генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето: „ Господине Јанушев како ќе ја коментирате улогата во овој страшен мега скандал на Врховниот Суд бидејќи он исто така е вмешан во финалната одлука во однос на судбината на Камчев во случајот „Империја“?“, тој одговори:

Токму на обвинителството, меѓутоа не на ова обвинителство на Русковска, некое независно обвинителство треба да ја докаже, да ја документира и да ја поднесе на суд значи целата вмешаност на сите инволвирани. Токму и сега на овој прес повикуваме, значи да не остане оваа истрага и овој пред само на двајцата извршители, туку да се прошири и на нарачателите, меѓутоа и на сите инволвирани кои знаеле, а го штителе овој криминал и целиот овој случај во однос на случајот „Рекет“.

Дали после ова може граѓаните да имаат надеж дека обвинителството, обвинителите во државата без некој ветинг би можело да има правна држава? Кој е вашиот став?

Значи во однос на вашето прашање и во однос на моменталната ситуација во којашто се наоѓаме, јасно кажавме дека особено после ова денес што го видовме целото обвинителство, ова обвинителство на Вилма Русковска е крајно компромитирано и очекуваме во иднина само преку она за што се залагаме , а тоа е принципиелна работа, воспоставување систем на владеење на правото онака како што во целиот оној изминат период всушност и предлагаме со нашиот предлог за измените на Законот за јавно обвинителство да се воспостави конечно ред и да се воспостави систем на вистинско владеење на правото.

Дали ќе побарате оставка од Русковска?

Во моментов бараме оставки од буквално сите и бараме предвремени избори. Секој кој што е вмешан во овој случај, меѓутоа и сите случаи на криминал, на корупција, на непотизам ќе одговора. Значи не, треба да одговара, туку ќе одговара.

Датумот кој што го спомна Заев за предвремени избори беше два месеци пред редовните практично, октомври 2020, вие зборувате за итни предвремени избори. Тоа што значи, барате за напролет, како ќе инсистирате?

Како што знаете пред извесен период претседателот Мицкоски соопшти два можни датуми, ние инсистираме на избори кои што нормално ќе ги запазат сите законски рокови, во однос на формирање на техничка влада и во однос на спроведување на фер и демократски избори. Дали ќе биде точниот датум оној што го предложивме или ќе биде некоја недела или месец порано , тоа е нешто што треба во следниот период секако доколку конечно се охрабрат и најдат храброст да прифатат предвремени избори, а очекуваме тоа да го направат покрај сите овие работи кои што се случуваат од страна на СДСМ да се организираат избори.

А што ако не прифатат?

Нормално дека благовремено ќе известиме кои ќе бидат нашите идни чекори и делувања.

Ќе инсистирате за април?

Само што дадов одговор дека првично треба да бидат исполнети сите законски и уставни услови за организирање на изборите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.